МПЦ-ОА бара да го избрише „македонска“ за да биде признаена!?

АКЦИЈА
loading...

Македонската православна црква (МПЦ-ОА) испратила писмо до Вселенската патријаршија преку кое бара промена на своето име, објави „Ромфеа“, едно од највлијателните црковни гласила во Грција. Како што е наведено, МПЦ-ОА наводно побарала ново име, кое нема да го содржи терминот Македонија, а според посоченото, МПЦ-ОА побарала свое преименување во „Охридска и на Јустинијана Прима архиепископија“.

Информацијата за испратеното писмо ја потврди и Вселенската патријаршија, која преку соопштение истакна дека освен барањето на МПЦ-ОА, писмо пристигнало и од македонскиот премиер Зоран Заев, кој побарал од Синодот на Вселенската патријаршија да ја врати МПЦ-ОА во канонскиот поредок под името Охридска архиепископија.

„Светиот синод на Вселенската патријаршија го разгледа барањето на расколничката црква на Скопје, поткрепено со писмото на премиерот на БЈРМ, Зоран Заев, кој побара од Цариградската патријаршија да преземе иницијатива за враќање на шизматичката црква во канонскиот поредок под името Охридска архиепископија“, наведено е во соопштението на Вселенската патријаршија.

Портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, во изјава за „Слободен печат“ призна дека било испратено такво писмо, но како што рече, преку писмото било побарано да се додели автокефален статус и ништо повеќе.

– Ние сме свесни дека Грците многу тешко ќе нè признаат под името МПЦ, но сепак Охридска архиепископија претставува една историја и за нас е достоинствено име. Јас не знам какво писмо испратил премиерот Заев, но ние сме возобновувачи на ОА во лице на МПЦ, па ако ни ја признаат ОА, тоа ќе значи дека имаме 1000-годишна историја. Секој што барем малку размислува треба да биде благодарен ако ни ја дадат ОА, отколку МПЦ, која е создадена во 1946 година – објаснува г.Тимотеј.

Од друга страна, пак, митрополитот европски г. Пимен има различен став од г. Тимотеј, бидејќи пред само три дена истакна дека МПЦ-ОА нема да прифати ново име доколку се промени името на државата.

– Името на МПЦ-ОА се врзува со нашиот идентитет, а не со мноштвото народи што ги имаме. Црквата треба да стои над политиката и нема да посегне по тој чекор да го промени своето име, бидејќи имаме национално име како МПЦ – истакна г. Пимен за време на прославата за 1000-годишнината од постоењето на Охридската архиепископија.

Мартин Богатиноски, Слободен Печат

loading...