Песната на Заев останува иста: Менување на македонското име и идентитет

АКЦИЈА
loading...

Вестите од самитот на Европската Унија и Западниот Балкан на 17 мај беа донекаде збунувачки: премиерот Зоран Заев и неговата машина за спинување на вестите настапија под полна пареа, најавувајќи дека, практично, двете страни постигнале договор. Тој им рече на новинарите дека се дискутирало за многу опции и дека е договорена една која е прифатлива за двете страни. Не така брзо, возврати грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој рече дека двете влади не се во позиција да кажат дека има решение на спорот. Меѓународните алапачи и самопрогласените експерти за Балканот побрзаа да објават на Твитер честитки до Заев, но мораа да ги повлечат по само еден час.

И покрај оваа неспособност од страна на Заев и неговата Влада кои најавија настан што не се случил, песната на Заев сепак останува иста: да се смени македонскиот Устав, заедно со името и идентитетот на Македонија и на се што се нарекува „македонско“, за Македониј ада стане членка на НАТО и на ЕУ, со што тој, Заев, ќе добие меѓународни признанија, слава и пофалби.

Сите се согласни дека следната недела ќе биде критична. Засега, премиерите се вратија во нивните земји и треба да дискутираат со претседателите, парламентите (вклучително и со опозицијата), можеби и со јавноста (веројатно не во случајот на Заев, кој, и покрај тоа што ветуваше транспарентност, е целосно затворен). Во меѓувреме, министрите за надворешни работи на двете влади по се изгледа ќе продолжат да разгледуваат опции, барајќи „конечно решение“, како што го нарече Соросовиот портал Балкан Инсајт (многу несреќен избор на зборови).

Овие преговори нема да се однесуваат само на таканареченото „ново име“, туку и на опсегот на негова употреба (Грција бара Македонија да го смени Уставот за „новото име“ да го користи и дома, покрај меѓународната употреба), имплементирање на се што ќе се договори (се спомнува обврзувачки „меѓународен договор“ како начин Македонија да се натера да го смени Уставот), но бара и отстапки за прашања како што е на пример начинот на кој ќе се нарекува македонскот јазик (агенцијата АФП јавува дека „извори во македонската Влада потврдиле дека главниот проблем околу официјалното име на оваа мала балканска држава е името на нејзиниот јазик“). И додека најголем дел од светот го признава македонскиот јазик како посебен и издвоен јазик, Европската Унија, кон која Македонија сака да пристапи, очигледно не го признава македонскиот јазик. Во декларацијата од Софискиот самит, објавена од Европскиот Совет, македонскиот јазик се нарекува „јазикот на поранешната Југословенска Република Македонија“. Ова ни посочува дека грчката Влада, во нејзините преговори со Владата на Заев, се обидува да го отстрани секое спомнување на македонскиот јазик, или македонскиот идентитет. Важно е да се напомне дека претставници на грчката Влада, нејзините медиуми, црквата, институции, универзитети и најголем дел од грчката јавност „не признаваат дека постои македонски етнички и јазичен идентитет“.

Значи, повторно, песната на Заев останува иста: тој очајно сака да се постигне договор – и е подготвен да ги продаде македонското име, идентитет, јазик, историја, култура, се што вреди – за да дојде до целта. Но, бидејќи тој не може самоволно да го смени македонскиот Устав, и потребни му се опозициската ВМРО-ДПМНЕ  и претседателот на државата, еве што ќе се случува во претстојните недели и/или месеци:

Владата на Зоран Заев (а особено неговиот полноглавен Али Ахмети), заедно со грчката Влада и (повеќето) западни влади и институции (НАТО, ЕУ, ОН, медиумите, тинк-тенковите, НВО-ата, професорите и така натаму) ќе се обидуваат (под 1.) да ги убедат и натераат Македонците дека е неопходно менување на Уставот за да се смени името кое ќе биде и за меѓународна и за домашна употреба. Под 2, тие ќе се закануваат (со директни и индиректни закани) дека ако Македонците не го прифатат ова, ќе се следува „Армагедон“ и Македонците ќе престанат да постојат (тука, во овој стар метод на заплашување, најкорисен им е Ахмети). Под 3, ќе се обидуват на Македонците да им ги продадат убавините и предностите од членството во ЕУ и НАТО, извртувајќи ја реалноста и ветувајќи мир и вечни убавини во оваа Ветена Земја, и покрај фактот што се работи за лага, како што им е добро познато на Бугарите кои (и покрај тоа што се веќе долги години во ЕУ и НАТО) масовно бегаат од нивната земја бидејќи членството во овие организации не им го донесе тоа што беше ветувано.

Горенаведените политичари и организации ќе се обидат да го реализираат ова сценарио, а еве што може да се случи: може да предизвикаат гнев и отпор не само од силите десно од центарот во Македонија (и независните и тие што се поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ) туку и од СДСМ и нивните поддржувачи. Во зависност од тоа колку долго трае овој процес, доаѓаат изборите – во Грција парламентарни избори на 20 октомври 2019 година, а во Македонија претседателски избори во април 2019 година, кои може да сменат се. Ако преговорите пропаднат во целост, ако македонските граѓани одбијат, преку референдум или преку Собранието, да се смени Уставот, тогаш Западот ќе добие една голема модринка на лицето, и тоа заслужено, затоа што воопшто се нафатил на една толку лошо обсмислена идеја.

АКО, сепак, Македонија го смени својот Устав и „новото име, јазик и идентитет“ за Македонија и Македонците бидат прифатени и запишани во меѓународното право, тогаш се заканува долгорочна опасност: бришење на македонскиот народ и на самата Македонија.

пишува за свест.мк: Џејсон Мико

loading...