Дали крушевчани би гласале на референдум „ЗА“ предлогот Илинденска Македонија?

АКЦИЈА
loading...

Власта верува дека Република Илинденска Македонија е добро решение за името, и не се откажува во него, и по тој повод ги прашавме граѓаните на Крушево дали доколку би се одржал референдум би го поддржале ова име.

Повеќето велат дека не сакаат промена на името, дека пазар за тоа не треба да има и отстапки, но има и искучоци.

„Јас лично не сум за промена на име, и ниту еден предлог не е прифатлив. Не се изненадив, туку едноставно не можам да се изначудам како се пазари Владата. Не знам дали Грците ќе го прифатат Република Илинденска Македонија, ако не го прифатат тоа, ќе прифатат некое друго. Владата е решена очигледно за промена. Ако има референдум сметам дека не треба да излегуваме бидејќи наместен ќе биде и на крај народот ќе биде виновен оти така изгласал. Мое мислење е дека нема потреба од референдум. Името е Македонија и нема потреба од преговарања“ – вели Елена од Крушево.

Ј.Ј. која е родум од Крушево додава дека без разлика во кој дел на Македонија живееме, промена на името не треба да има и за неа ниту една опција не е прифатлива.

„Знам дека постои само Македонија. Обидот да се купи емотивно народот е за мене чекорење во празно Илинденци,  а ако сме ќе се потрудиме да останеме чисти Македонци, а не самите да се преименуваме дури и со такво име кое наводно ќе го предомисли народот. Не знам дали би гласала на референдум“- вели таа.

Друга повозрасна крушевчанка рече дека е позитивно изненадена од предлогот Илинденска Македонија.

„Јас бев изненадена, но пријатно, и мене ова име ми се допаѓа, убаво звучи, го има зборот Македонија и зошто да не се реши веќе еднаш спорот со Грција? Ако има референдум, јас ќе излезам и ќе гласам „за“. И не сум само јас, исто со една пријателка дискутиравме на оваа тема и нејзе и се допаѓа името Илинденска Македонија“- вели таа.

Никола од Кушево вели дека џабе ни е името ако живееме бедно, и тој би гласал за промена.

„Ако сме голи, и боси, што ќе ни е името? Јас 100% би  гласал за Илинденска Македонија. И повеќето луѓе што ги знам така размислуваат. Не да прифатат било кое име, но Илинденска Македонија е прифатливо“ – вели Никола.

Друга 57 годишна жена од Крушево вели дека не сака ни да слушне за промена на името.

„Ние се народ, и не треба секој да прави со нас што сака. Јас не сум Македонка, јас сум од влашкото малцинство, но сакам да си остане Македонија. Мене сега да ме стрелаат јас само ќе кажам „Македонија“ и ништо друго. Ако има референдум ќе гласам, но за Македонија, а друга опција не доаѓа в предвид“- вели оваа Влаинка.

Од грчка страна овој предлог Илинденска Македонија го отфрлија како ирендентистички.

Грците преферираат име кое би го предложил медијаторот Метју Нимиц.

Сања Атанасовска, за Фактор.мк

loading...