Заев: Немам договор со Груевски за негово неказнување, одговорност мора да има, па нека е и од свети СДСМ

АКЦИЈА
loading...

TРИБИНА ВО ТЕТОВО

„По потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија не се случи она за што зборуваа националистите: дека ќе ја нема Македонија, оти ќе ги снема и македонскиот јазик и нејзината посебна историја. По 9 месеци сега ништо не ѝ фали на Македонија, напротив таа само добива, а растат заемната трговија и инвестициите со Бугарија, рече Зоран Заев, како лидер на СДСМ и премиер на синоќешната граѓанска трибина насловена како „Едно општество за сите”, која беше организирана од општинската организација на СДСМ на Тетово во Центарот за култура.

„Со многу трпеливост и креативност ќе изнајдеме решение и за спорот со Грција, како што направивме со Бугарија, така ќе станеме членка на НАТО и ЕУ. Сочувувајќи го достоинството на Македонија, ние ќе го извадиме нејзиниот имотен лист, за да не му падне никому на памет да ја крчми Македонија. Не може малата Македонија да биде скарана со сите свои пет соседи, како и со некои други држави во светот. По активностите што ги презедовме, денес ние сме одлични пријатели со Албанија, Бугарија, Србија, со Косово, ние сме веќе почитувана земја. Од ’балканско слепо црево’ ќе ја претвориме Македонија во перспективна европска земја. Добивањето датум за преговори со ЕУ ќе значи поддршка од европските структурни фондови за македонската економија, за нови инфраструктурни зафати во Македонија“, дополни Заев во своето излагање пред присутните, меѓу кои имаше и Македонци и Албанци, како и граѓани од другите етнички заедници, кои живеат во Тетово, а присуствуваа и одделни владини министри, пратеници од СДСМ, како и градоначалничката на Тетово Теута Арифи и други претставници на тетовската локална самоуправа.

Лидерот на СДСМ и премиер Заев за себе рече дека „не е помалку патриот од никој во оваа држава“, нагласувајќи: „Треба да завршат квазипатриотизмите. Ние им пркосиме на сите можни национализми во оваа држава: и на македонскиот и на албанскиот… Денес патриотизмот значи да се донесе иднина за следните генерации, да се спречат миграциите на младите луѓе“.

Во одговор на новинарско прашање што ќе се случи со Законот за јазиците Зоран Заев му упати повторно порака на претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов да го потпише указот за овој законски акт, зашто, според Заев, „со тоа ќе се увиди дека донесувањето и примената на Законот за јазиците не е болка за умирање, какои и оти со тоа нема да се сврти небото“.

„Законот за јазиците е последното правно прашање преостанато од Охридскиот рамковен договор, кое како природно право сѐ уште не им е овозможено на Албанците. Употребата на јазикот е основно човеково право, кое е гарантирано со Уставот. Во Македонија денес повеќе нема Македонци, Албанци, Турци, или други, туку има граѓани на Македонија“, дополни македонскиот премиер.

Во економскиот дел на својата реч на оваа граѓанска трибина во Тетово, која е најавена како прва во серијата на други такви партиски среќавања со граѓаните и во други градови и општини во земјата, Заев најави дека од 1 јануари 2019 година ќе стартува „бесплатното болничко лекување за секој граѓанин на Македонија“, оти „социјалната помош од сегашното ниво од 4.200 денари, од 1 јануари 2019 година ќе се зголеми на 11.500 денари“.

„Владата за Македонија презема мерки за подобрување на животот на граѓаните и така сега просечната плата изнесува 400 евра, а ние ќе спроведеме мерки таа и навистина да се зголеми на 500 евра, со цел 80 отсто од граѓаните на Македонија во поглед на својот животен стандард уште до крајот на годинава да почувствуваат благодет од реформите и напорите во економијата“, дополни Зоран Заев.

Тој најави дека сите хотели, жичниците и другите објекти на Попова Шапка ќе бидат понудени на продажба на реномирани странски компании во областа на туризмот, со цел да се активираат потенцијалите на овој туристичко – скијачки центар.

Во одговор на новинарско прашање, тој отфрли дека има договор со поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за негово неказнување, истакнувајќи: „Не може да постои неказнивост за никого, да не постојат казни и санкции за секој оној што се огрешил во однос на законот. Ова е мојот одговор на оние што велат дека сум се договорил со Груевски за неговата неказнивост. Отворете ги ушите и наслушувајте: ќе се случи правдата, нема да има ниту еден компромис, мора да има одговорност, па нека е и од свети СДСМ.“

loading...