Ем подаруваат, ем расчистуваат со непотребните работи

АКЦИЈА
loading...

Преземено од Фактор.мк

Македонците велат дека за она што го нудат на социјалните мрежи како подарок, а на нив истото веќе им е одвишок во домовите, има голем интерес и најчесто се постигнува договор. Од друга страна, има и онакви кои што први ќе побараат и често наидуваат на непознат кој ќе им излезе во пресрет. Најчесто доминираат неформалните спогодби за детски и бебешки реквизити, но од повредните работи, се даваат и телевизори и фрижидери.

– Службите за кабаст отпад се неажурни, а мене подрумот ми е преполн. Бебешкото креветче го понудив на социјалните мрежи и веднаш се јави една жена која тукушто се породила. И објаснив каде живеам и таа веднаш дојде за да го земе креветчето кое повеќе не ми беше потребно ниту на мене ниту на некој мој близок што го познавам. Сепак, мило ми е што ќе му се најде на некого – изјави еден член на фејсбук-групата „Дај, не фрлај“.

Бранко Прља е основач на таа група, но вели дека членовите се тие кои ја одржуваат.

– Во исто време се бориме со потрошувачкото општество, односно против консумеризмот, се грижиме за околината и го потикнуваме споделувањето и довербата – вели Прља.

Последната статистика ја направил во октомври 2017 и таа покажува дека истиот месец, меѓудругото, се понудени 20 прекривачи, 15 играчки, 12 телевизори, 4 шпорети, 2 машини за перење, 17 каучи, 7 бироа, 8 креветчиња за деца и бебиња, 3 детски велосипеди, 3 детски колички, 3 правосмукалки, 2 компјутери и други работи со помала вредност.

Голем дел од работите се прифаќаат, а тоа ни го потврдија членовите на групата. Подарувале инвалидска количка, монитори, телефони, релаксатори и носилки за бебе, како и столче за хранење, ролерки и реквизити за видео-игри, дубалчиња, транспортери и детски плакарчиња и душеци за креветче, перници за доење, па дури и кујни, некој земал хармоника, некој добил новогодишна елка со украси и светилки, а некој отишол на скијање со „бесплатни“ комбинизони.

„Имам подарено тросед, двосед, две фотелји, кауч, столчиња, теписи, чинии, чаши, облека, обувки, постелнина и слино“, се чини најактивна и најдарежлива била Ана Постоловска.

Најмногу се нуди облека и обувки, како за деца, така и за возрасни, а често се договара размена едно за друго.

Нотар тврди дека за ваков тип на предмети нема ништо спорно и подарувањето и размената може да се одвива без никаква попреченост.

– Тоа не се работи на кои што сопственикот мора да биде регистриран или пак да треба да се плати данок, или да има платен промет. Ако некој сака, може да понуди и скапоцен накит. Тука нема ништо спорно – изјави нотарот кој што го контактиравме.

loading...