Писмо од една поразлична дијаспора

АКЦИЈА
loading...

“ПОВИК КОН ЦЕЛИОТ МАКЕДОНСКИ НАРОД. ЗАСТАНЕТЕ НА БРАНИКОТ И СОЧУВАЈТЕ ЈА НАШАТА ДРЖАВА, НАШЕТО ИМЕ, НАШИОТ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, НАШАТА МАКЕДОНСКА ЦРКВА…”, е еден од насловите во медиумите деновиве кои во комбинација со разни петиции кои ни се нудат за потпишување и толку ревносно говорат за продавањеро на државата, јазикот, идентитетот.

Многу емоции, незадоволства, разочараност од не исполнување на личните, партиските, колективните асприации и очекувања излегоа на површина деновиве во Македонија, некои сосема коректни, но некои и не толку. Некои со право ја критикуваат новата влада за несоодветни кадровски политики, за несовесно и нечесно работење на некои од новите функционери и парламентарците, не транспарентно донесување на закони, распоредување на финансии, отежнато расчистување со корумпираниот судски систем, распаднатото здравство, и образование. Константно се укажува на пропустите (некои сосема валидни) но многу како резултат на емотивна реакција, а не е исклучено и систематско дејствување на опозицијата на регрутирање на сите сили за да се сруши владата.

Незадоволните се исто така и некои од Дијаспората кои се организираат на протести во повеќе градови надвор од државата, собирајќи и мобилизирајќи ги своите сонародници на уште една ‘патриотска одбрана на името, јазикот, и идентитетот’, организирани од здруженија најчесто потпомогнати од остатоците на владата која 11 години ги стави во своја служба скоро сите институции како во републиката така и надвор од неа, а и од оние кои останаа без регуларен извор на приходи.

Но пред да решиме дали ќе се приклучиме кон овие протести, секој од нас мора да се праша дали ќе помогнеме во овие навистниа пресудни моменти за Македонија со следниве прашања:

– Што сака да се постигне со овие протести?
– Кон кого се насочени протестите?

Системот во Македонија е болен, веќе 27 години постојано се руинира и последниве 11 години постигна кулминација. Треба подолго време да се лечи. Па зарем верувате дека во неколку месеци може да се залечи нешто што е заболено веќе повеќе децении. Судскиот систем е заболен, здравството не функционира, школскиот систем е руиниран, што значи ќе треба уште долго време да се реставрира и тоа систематски што за жал е спор и долгогодишен но сепак сигурен процес. Сосема сум согласна и ги поддржувам и јас ќе ја критикувам секоја влада која ќе застрани од овие процеси.

Неправда
На Македонија навистина и е направена голема неправда во историјата, и сега една држава членка на ЕУ и НАТО не уценува за нешто што е универзално човеково право: да се викаш онака како што сакаш. Десетици илјади се избркани од нивните огништа, и таа неправда продолжува и денес со константното негирање на македонското малцинство во соседните земји. НО, моето прашање е дали е сега време да се расплинуваме и пишуваме разноразни декларации, петиции во кои ќе протестираме затоа што ни е направена неправдата. Па зарем не ја научивме лекцијата од минатото каде што секогаш кога сме биле разединети, несложни, алчни, завидливи, не прави многу, премногу слаби и недораснати во очите на другите народи. Од друга страна, нашата разединетост и неслога може да ја ослаби преговарачката позиција на нашиот Премиер и министрите кои ги водат интензивните преговори за наоѓање на решение на овој проблем. А тука неоспорно треба многу прагматичност и мудрост.

Јазикот
Македонскиот јазик иако млад, признаен е во Обединетите нации како еден од стотиците јазици и припаѓа во групата на словенските јазици, идентификуван и кодифициран како таков. Но Македонскиот јазик, како и сите други јазици на планетава претрпуваат промени, што не значи дека може да се негира од никого, по било која основа. Но тој немал никаква, повторувам никаква врска со јазикот што го зборувал Александар Македонски. Законот за јазиците неодамна изгласан мора да се дискутира отворено со релевантните институции и стручњаци преку дебати и преку официјални канали. Не на социјалните медиуми.

Идентитет
Идентитет е нешто што го носиме со себе, тоа е нешто што е немерливо и неотуѓиво каде и да се наоѓате. Toa е нешто кое никој не може да ви го земе. Дури и народите кои немаат држава, го носат својот идентитет насекаде во светот (Палестинците и Курдите) и тоа и те како силен и неуништив. Тоа е нашата култура, нашата традиција, нашите навики, како се однесуваме кон другите, колку се грижиме за природата, и за тие околу нас. Секој народ кој е сигурен во себеси, го знае и е свесен за својот идентитет. Ако народот не е сигурен, тогаш ‘копа’ по далечното минато назад дури илјадници години.

Името
Република Македонија се наоѓа во поширокиот регионот Македонија, кој се наоѓа во повеќе држави, Грција, Албанија и Бугарија. Територијата на Република Македонија е само околу 38% од целиот регион. Многу крвави превирања и геноциди се случувале во историјата за овој регион до 1948. Тоа никој не го оспорува, Напротив. Грција го има проблемот само затоа што тоа се коси со нивната повеќевековна политика на асимилација на не грчкото население и создавање на -чиста грчка нација- предизвика голем револт не само кај Македонското, туку и турското, албанското, влашкото население кое живеело со стотици и илјадници години на овие простори.

НО, проблемот со името е комплексен, и бара многу мудри одлуки од Владата, која е верувам на добар пат да го реши. Па нели до сега нашето име е сеуште абсурдното времено (веќе 27 години) Бивша Југословенска Република Македонија? Прво, затоа што државата Југославија веќе не постои, и второ, затоа што во никој случај не го представува ниту мојот идентитет ниту пак е нешто со кое би се годееле како нација. Прашањето е дали да ги критукуваме нашите преговарачи и да им ги нацртаме црвените линии (затоа што ние секако знаеме подобро од преговарачите нели???) да се откажеме затоа што е претешко, да си продолжиме со жалбите, клетвите и да ги вееме знамињата на протести против ‘клетите грци’ кои сакаат да ни го сменат името и против ‘предавниците’ кои го ‘продадоа името и јазикот’ или да се здружиме како дијаспора и да им помогнеме на нашата дипломатија и да им дадеме поддршка за преговорите….. Да, драги мои сонародници, проблемот е толку тежок што мора да има преговори, но не по секоја цена.

Потоа, драги мои сонародници поставете си ги следниве прашања:

– Дали сакате да живеете во држава со стандард сличен на стандардот кој што го имате во државите каде што живеете.
– Дали сакате да ја видите Македонија како соверемена држава со среден правен,здравствен, образовен систем?
– Каде сакате да ја видите Македонија за наредните 5/10 години?
– Што и како можете вие да помогнете е за да и помогнете на Македонија?

Јас сум на чисто, сакам да ја видам Македонија онаму каде што припаѓа, во Европа, со современи систем на образование, каде што сиромаштијата ќе биде драстично намалена, каде што младите немора да се исселуваат за да најдат подобро место за работа и студирање, слично на оние каде вие работите, студирате, живеете , во државите со средени политички и економски системи, во кои ако работите ќе заработите и ќе имате, во кои кога се вработувате никој не ве прашува во која партија членувате, во кои кога одите на лекар еднакво сте третирани, и во кои имате верба во правосудниот систем и самите си ја кроите својата иднина во зависност од важиот труд, афинитети и амбиции.

Во Македонија, тие кои се родиле во далечната 1991 кога нашата модерна држава Македонија се конституира, сега се возрасни млади луѓе, најголем дел со високо образование но повеќето или се надвор од државата или се уценети од оваа или онаа партија за да можат да се вработат. На повеќето е дојдено преку глава целиот свој живот да го поминат во транзиција, и излезот го гледаат само надвор.

Граѓаните на Македонија ги поддржуваат интегрирањето на Македонинја во НАТО и ЕУ, затоа што на сите им е преку глава од низок животен стандард, од поделбите, и затоа што полека но постепено Македонија се испразнува затоа што младите не ја гледаат иднината во неа, за што говори бројот на Македонци кои земале Бугарски пасоши само за подобар живот.

Јас сакам Македонија да биде со стабилен политички и економски систем во кој сите ќе ги уживаат благодетите од тоа што ќе биде членка на Европското семејство.

Сакам да видам една модерна и современа дијаспора, , каде што основ на собирањата ќе биде за да се промовира Македонската култура, традиција, национално богатсво во државите каде што живееме

Сакам да видам дијаспора која и покрај различната, верска, политичка и било која друга определба, да се обиде да направи мост за соработката иако нашите видувања за патриотизмот може да се разликуваат. Дозволете да си ги признаеме различностите но тоа да не не спречува да продолжиме да делуваме заеднички затоа што само заедно сме посилни.

Сакам да престанеме да ги вееме знамињата на омразата и паролите за ‘чиста Македонија’, пораки кои не прават смисла и во најмала рака предизвикуваат потсмев и навреда на интелектот на поголемиот дел од демократски настроената јавност, било во Македонија било во земјите каде што живееме и работиме. Ми смета кога овие собири често зборуваат во името на ‘целата дијаспора’, затоа што тоа не е.

Наместо тоа да се здружиме заедно со идеите и делата да докажеме барем во местата каде што живееме дека сепак сме достојни и горди да го носиме името Македонци. Затоа што само на таков начин ке можеме да ја одбраниме нашето културно и национално богатство, нашето име и јазик …. ‘Светот мора да биде разбран како поле за културен натпревар меѓу народите’….

Снежана Димитровска

loading...