Живеам со свекорот и свекрвата, и ништо не ми фали

АКЦИЈА
loading...

Животот во заедница со родителите на сопругот за некого е привилегија, но за некој е хендикеп. Некој сака свој самостоен живот, а на друг воопшто не му смета животот во заедница.

Во минатото било сосема нормално, да се живее заедно со родителите. Се случувало и во една соба да седат повеќе семејства. Но, како времето оди напред така и работите се менуваат.

Денеска младите брачни парови, сакаат сами да си бидат домаќини и сами да си живеат без никој да им смета. Ниту родителите од една, ниту од друга страна.

Но, сепак секој со свои можности.

Скопјанката Едита, веќе 15 години како е во брак со Јовица. Тие од првиот ден живеат заедно со неговите родителите. Живеат во куќа, која има четири соби. Едната соба им е како заедничка дневна со кујна. Имаат своја спална соба, соба за децата и уште една соба која ја користат свекорот и свекрвата.

-Животот во заедница не го гледам воопшто како хендикеп. Уште од самиот почеток е така. Сите си имаме свои соби. Свекорот и свекрвата се пензионери. Додека децата ми беа мали, јас одев на работа, а свекрвата ги чуваше дома по цел ден. И сега е така. Ние на работа, таа дома. Задолжена е за готвење. Секој ден исчистено, средено. Кога ќе дојдеме ние од работа, тие си се повлекуваат во нивната соба. Имаме заеднички трошоци, кои ги делиме. Па така ни е полесно. Можеме повеќе работи да си дозволиме. Планираме да купиме стан во иднина, па полесно ни оди со собирање на финансии, раскажува Едита.

И Виолета живее заедно со свекорот и свекрвата. Таа е невеста во нивниот дом повеќе од 20 години.

-Пушти си ги нозете колку што ти е чергата. Сите ние сакаме сами да живееме, но не можеме со сила да удираме глава во ѕид. Тие беа тука кога на нас ни требаше помош, кога децата ни беа мали, кога останавме без работа и двајцата. Денеска тие имаат по околу 80 години, па ние им сме потребни на нив. Не е лесно да се живее со стари, но и ние еден ден ќе остариме, па и на нас ќе ни биде некој потребен, вели Виолета.

На оваа тема, многу се зборува по форумите, а најчесто е коментирана од жените, младите домаќинки. Некои сакаат за почеток да живеат заедно со родителите, додека да се осамостојат, да има кој да им ги ува децата, да не плаќаат дадилка или градинка, да ги делат трошоците, но има и такви кои се одлучни од самиот старт да живеат сами.

loading...