Заштитната моќ на природните кристали

АКЦИЈА

Кристалните осцилации и тајната на нашата планета

Планетата Земја е прекрасна во својата разновидност: небо, планини, океани, езера, реки, шуми, ливади, растителен и животински свет и секако луѓето. А, штом Земјата ќе го отвори срцето…погледнете што се сместило внатре – неверојатна Божествена убавина на минералите и кристалите кои со своите бои и вибрации имаат длабока енергетска и лековита моќ.

Денес, за жал, со посредство на парцијални и модифицирани “знаења” се внесува голема заблуда за својствата и делувањето на кристалите врз човекот и неговите суптилни тела. Според херметизмот, човекот нема само физичко тело, туку се состои исто така и од емоции, мисли и дух. Емоциите се основа на неговото астрално тело, како што мислите се основен дел од човековото ментално тело. И астралното и менталното и духовното ниво се поврзани со соодветното ниво од универзалниот астрал, ментал и дух.

Денешните некакви си учења кои секојдневно ги создава современото општество ги имаат претставено кристалите небаре се наши робови. Но, не смееме да заборавиме, тие биле тука пред нас и ќе останат и после нас!

Според херметизмот, првенствена улога на кристалите е да одржуваат постојана фрекфенција на енергетското поле околу биосферата на планетата Земја. Таквата вибрација претставува заштитен астрален, ментален и духовен штит околу биосферата. Тој служи да спречува продор на други, малигни форми на енергија од околината на космосот, а кои не се складни со развојниот циклус на планетата Земја. Понатаму, кристалите со своите хармонични вибрации ги поддржуваат енергетските системи на сите живи суштества на Земјата, не само на човекот.

Доколку веќе се имате сретнато со овие форми на еволуција, сигурно сте почувствувале дека се навистина нешто посебно. Овие подземни цветови имаат свој живот и своја приказна која со милениуми ни ја раскажуваат. Во себе носат информации уште од настанокот на светот, записи од праисторијата на Земјата. Вибрираат со мошне строго определени фрекфенции. Во нив е сместена благородна енергија директно од вселената. Таму е вгнезден Духот на природата, ритамот на животот и примордијалната вибрација на нашата планета и животот на неа.

Не треба да се оцени дека минералите и кристалите ја имаат поминато својата еволутивна трансформација само во овој, нам познат материјален свет. Материјалниот свет е само специфична густина и брзина на проток на енергијата. Херметичките учења, освен овој наш физички свет разликуваат уште неколку паралелни нивоа на постоење:

– Материјално ниво
– Астрално ниво
– Ментално ниво
– Духовно ниво

Така и минералите, одредени делови од својата еволуција минувале низ некои од овие суптилни нивоа, додека на крај се образувале во овој вид кој ние денес го познаваме.

Бидејќи низ вековите веќе се имаме одалечено од природата, подзаборавивме на способноста за чувство на вибрација и на складноста со неа. Во нашата трка со времето, трката со модерниот живот како и со потрагата по материјални добра и креирање на вештачка природа, изградивме препрека која нѐ попречува да ја спознаеме правата вистина.

Но и покрај сето тоа, рецепторите за овие суптилни вибрации длабоко во нас сѐ уште постојат и чекаат да се поврзат со Божествените вибрации. Треба само да се потсетиме како се правеше тоа. Токму кристалите се едни од резервоарите на овие вибрации кои можат да ни помогнат за многу кратко време да го воспоставиме контактот со корените на нашето постоење.

Кристалите можете да ги поставите во своите домови, во работните простории или пак, да ги носите со себе како накит или како камче во својот џеб, а тие на мошне суптилен начин ќе направат пресврт во вашиот живот и вашите сфаќања за животот. Треба само да им се препуштите и да им дозволите да го сторат тоа…

Др. Тарот, за hybread.mk

loading...