Зорица Заева: Се молев Зоки да е жив!

АКЦИЈА
loading...

Се надевав дека тие рани што ги видов на тв-снимките не се толку страшни. Се надевав и се молев да е жив, раскажува за па Зорица, сопруга на премиерот Заев, за моментите од најдолгата и најтешка ноќ минатата година – 27 април.

Сликите од насилството во македонскиот парламент на 27-ми април 2017 година, кои беа кулминација на политичката криза, лани го обиколија светот. Особено снимката од раскрвавената глава на тогашниот лидер на СДСМ, а денес премиер, Зоран Заев. Тој и неговите партиски колеги кои беа мета на брутално насилство, досега многупати зборуваа за овој настан, особено за начинот на кој го избегнаа најстрашниот епилог. Она што остана во сенка на крвавиот пир, е како во тие моменти се чувствувале нивните најблиски. Семејството на премиерот Заев, неговата сопруга Зорица и неговиот татко Панче, за Дојче веле ги споделија нивните чувства во најтешките моменти од најдолгата и неизвесна ноќ минатата година.

„На телефон ми се јави пријателка, и ме праша дали гледам телевизија. Буквално во истиот момент вознемирана дотрча и свекрва ми, и ме праша дали знам што се случува во параламентот, бидејќи нешто слушнала на вести. Му заѕвонив на сопругот. Се слушаше врева, ми рече дека е во ‘гужва’, но линијата одеднаш се прекина и повеќе не успеав го добијам на телефон“, се потсетува Зорица Заева (42).

Од тој момент почнуваат неизвесноста и тешките мигови во семејството. А само еден вечер претходно атмосферата била сосема поинаква: го славеле 16-иот роденден на ќерката Александра. Но, ден потоа, кога во попладневните часови роднини и пријатели почнуваат постојано да им ѕвонат и да ги прашуваат „што се случува во парламентот, како е Зоки?“, веста за насилството во Собранието не можела да биде сокриена од ќерката Александра и нејзиниот 13-годишен брат Душко.

Во тоа време телевизиите веќе објавуваат бројни снимки кои сведочат дека насилството ескалира, а во еден момент го прикажуваат и Зоран Заев со раскрварено чело и крвава кошула.

„Тоа беше шок. Александра многу се вознемири, но се обидуваше да не го покаже тоа пред Душко. Тоа не помогна. Тој беше многу потресен, се расплака…“, се потсетува Зорица.

Најтешките километри

Во тој момент Зорица и таткото на Заев решаваат веднаш да тргнат кон Скопје.

„Заедно со моја пријателка, со свекорот и со негов пријател заминавме од Струмица кон Скопје. Тоа ни беа најтешките километри. Не знаевме што се случува. Вртев на телефон кај негови сопартијци, кај луѓе што мислев дека може да имаат некакви информации. Постојано ми се јавуваа и децата. Им реков дека ќе им се јавам веднаш штом ќе стигнам во Скопје“, раскажува Зорица.

Нерадо се потсетува на што мислела во тие неизвесни моменти.

„Пред очи постојано ми се вртеа слики на тој хаос, на луѓе како трчаат и бегаат од парламентот… Се надевав дека мојот сопруг е жив, и дека тие рани што ги видов на тв-снимките не се толку страшни. Се молев да е жив“, вели Зорица.

„Никогаш побрзо не сме стигнале до Скопје. За еден час бевме таму“, се надоврзува таткото, Панче Заев (68).

„Како може да се чувствуваат родители, кога на телевизија го гледаат нивниот син како крвари, и го напаѓаат со се што ќе стигнат. И додека тој и други крварат, некои и натаму продолжуваат да фрлаат со разни предмети по нив. Тоа беше страшна слика… Кога стигнавме во Скопје не можевме да се приближиме до парламентот, ниту пак сакавме со нашето присуство да предизвикаме дополнителна реакција“, објаснува Панче.

Се упатиле кон партиското седиште на СДСМ.

„Таму останавме цела вечер. Најтешко е чувството кога чекаш. Таму беа собрани многу луѓе, стигнуваа разни информации, сите згрижувачки… Првата оптимистичка вест што ја слушнавме, беше дека сите пратеници се евакуирани од парламентот и однесени на безбедна локација“, раскажува Зорица.

Но, и таа вест не ги смирила целосно.

„Се сомневав да не е некоја ‘игра’. Не бев уверен целосно во информацијата, се до моментот кога се вратија, кога видов дека се живи“, додава таткото Панче.

Тоа е моментот кога пратениците од мнозинството – од безбедната локација (касарната Ѓорче Петров, која е база на припадниците на полициска Единица за брзо распоредување – ЕБР), се враќаат во партиското седиште на СДСМ.

„Сите дојдоа со крвави завои. Таму пристигнаа и неколку лекарски екипи кои правеа интревенции – преврски, шиење на раните. На Зоки уште таму му ставија неколку конци“, се потсетува неговата сопруга.

„Немаше место кај што не бил удиран“, додава Панче.

Искинати сакото и кошулата

Зоран Заев вечерта останува во Скопје, а Зорица и Панче се враќаат во Струмица. Претходно од Ургентниот центар во Скопје преземаат повредена пратеничка, на која таму и била пружена медицинска помош, и ја враќаат дома во Радовиш.

Зорица и Панче стигнуваат во Струмица со добри вести за мајката на Заев и за двете деца.

„Децата моравме и претходно, и потоа да ги смируваме. Ако воопшто можат да се смират во таква ситуација. Навистина не очекувавме да се случи такво нешто. Сме гледале случаи на кавги и тепачки меѓу пратеници во разни парламенти во светот, но никаде не сме виделе да падне толку крв, особено не предизвикана од луѓе кои од надвор насилно упаѓаат во парламентот“, компарира Панче Заев.

Во Струмица вечерта се вратиле и со една торба непријатни спомени.

„Сакото на Зоки беше искинато на многу места. Крвавата кошула, исто така. Ги фрлив и двете. Не сакав да ги чувам“, вели Зорица.

Една година подоцна со тегобно чувство се сеќаваат на 27-ми април.

„Секогаш кога ќе ја видам неговата лузна на челото, ми се враќаат лошите спомени од овој настан“, вели таткото.

„Се обидувам да не мислам на тие моменти. Верувам дека такво нешто никогаш нема да се повтори“, убедена е Зорица Заева.

loading...