Се крчкаат „мали промени“ во Уставот?

АКЦИЈА
loading...
EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Пишува: Мартин Богатиноски за Слободен Печат

Македонските преговарачи наводно се согласиле да направат уставна промена и да вметнат амандман што ќе гарантира користење на новото државно име за надворешна употреба, а исто така ветиле дека ќе испратат писма до сите земји што досега ја признале Македонија под уставното име со цел да ги известат за направените промени, дознаваме од високи дипломатски извори.

Се наѕира решението на спорот за името со Грција, но тоа ќе се постигне само доколку се отвори македонскиот Устав и се извршат неколку мали измени, брифираат за „Слободен печат“ високи дипломатски извори. Како што објаснуваат нашите соговорници, меѓусебниот договор помеѓу Македонија и Грција најверојатно е веќе постигнат, а како што посочуваат, тоа најмногу се должи на согласноста од македонската страна во Уставот да се вметне нов амандман кој ќе гарантира користење на новото државно име само за надворешна употреба. Исто така, како што дознаваме, освен измените на Уставот, македонските преговарачи наводно се согласиле да испратат писма до сите 139 земји кои досега ја признале Македонија под уставното име, со цел да ги известат за направената промена во името. Сепак, за да се спроведе ова сценарио, политичките аналитичари потсетуваат дека уставните измени се гласаат во Собранието со двотретинско мнозинство, а според нив, тоа би значело дека целата работа ќе зависи од гласовите на опозицијата.

Не треба да брзаме

Секое избрзување носи сериозни последици за идните генерации, а посебно сметам дека опозицијата нема да се согласи преку двотретинско мнозинство да се изгласа било каква промена на Уставот, смета универзитетскиот професор Лазар Лазаров.

– Премногу брзаме со одлуките со оглед на тоа што добивме целосна поддршка од Велика Британија, Америка и од Германија. Треба да се избориме за да ја задржиме привремената референца и со тоа име да влеземе во НАТО. Во ред е тоа што уставната промена ќе се однесува само за надворешна употреба, но мислам дека тоа повторно не ни оди во прилог затоа што тоа решение не претставува трајно решение. Кога станува збор за испраќање писма до земјите кои досега ја признаа Македонија под уставното име, сметам дека тоа би било директна навреда за нивното достоинство. Секоја промена за нив ќе биде навреда, а пред да донесеме било каква одлука, добро би било да исконтактираме со сите земји посебно и да ги прашаме, а не да ги информираме, дали ќе се согласат и натаму да ни ја даваат поддршката – објаснува Лазаров.

Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, вели дека штом се отвора Уставот, тоа значи дека се врши уставна промена, а таа промена, според него, се врши во неколку фази и на крај завршува со двотретинско гласање во Собранието.

– Во договорот што ќе го потпишат двете земји може да биде наведено дека Македонија презема обврска да го вметне амандманот во Уставот. Тоа би било сосема во ред, бидејќи во фазата понатаму, додека се врши ратификација на актите, ќе се изврши и измената во Уставот. Во секој случај, промената ќе треба да се изгласа во Собранието, а прашање е само во која фаза ќе се изврши таа уставна промена. Едно е да се потпише договорот меѓу двете земји за постигнатото решение и отпосле да се спроведе уставната промена, но друго е веднаш да се изврши промената на Уставот – вели Ивановски.

Опозицијата не попушта 

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се пожали дека досега ниту е запознаен со грчката спогодба која била испратена, ниту со нацрт-спогодбата пратена од наша страна, па како што истакна, најголемата опозициска партија и понатаму останува на ставот дека не треба да се менува Уставот на Република Македонија со цел да се промени уставното име.

– Владата игра целосно соло за ова прашање, но и со тоа доаѓа до израз и нашиот кредибилитет и право да не се согласиме со нешто кое може да биде понудено и договорено од Владата. Тоа што за ВМРО-ДПМНЕ е најважно е заштита на идентитетот, јазикот и посебноста на Македонија и нејзиниот народ. Нашиот став е јасен, непромена на Уставот со цел промена на уставното име – рече Мицкоски.

Професорот Владимир Милчин, пак, вели дека катастрофална грешка е целата политика да се подреди на постигнувањето договор со Грција заради почнувањето преговори со ЕУ и со НАТО, бидејќи како што посочува, Грција не преговара, туку уценува.

– Грција сака наша капитулација. Грција сака да ни го издиктира Уставот. Што е многу, многу е! Ултиматумот треба да се одбие јасно и гласно. Да, нам ни се важни и НАТО и ЕУ, но во актуелниот светски политички контекст во кој доминира Путиновата офанзива, Македонија не им е неважна на НАТО и ЕУ и тие би требало да ја притиснат Грција да не ја опструира безбедноста на Балканот така што ќе го спречува влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ. Не верувам дека тие се без аргументи со кои ќе ја омекнат Грција – вели Милчин.

loading...