МВР пред сериозни реформи

АКЦИЈА
loading...

Во МВР во тек се сериозни реформи и разгледување на професионалните стандарди, признаваат од Министерството за внатрешни работи, додавајќи дека освен униформи, чизми и техничка опременост, ќе се ревидираат и политиките на полицијата

Како што пишува во соопштението кое беше лиферувано од МВР, во тек е и спроведување на реформа во Управата за безбедност и контраразузнавање, за која како што велат, се користела како алатка за политичка борба.

„Започнавме и реформа на системот на следење на комуникациите. На предлог на министерството, на УБК ѝ се одзеде посредничката улога за прислушкувањето, со чија помош изминатиот период беше направена најголемата, историска злоупотреба на оваа институција.“ – велат од МВР, но не објаснуваат дали под ова се подразбира и ревидирање на тоа кој се имал пристап до опремата на службата во периодот за кој нелегално беа снимени разговори од државни функционери.

Од полицијата признаваат и дека немаат доволно развиена контрола на однесувањето на вработените во МВР, објаснувајќи дека се свесни за несоодветното однесување на вработени во полицијата.

„Свесни за несоодветното однесување на вработените, кое во минатото не само што било толерирано, туку и поттикнувано, превземени се сериозни активности за зајакнување на капацитетите на Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди и отпочнување со проект за воспоставување на надворешен независен механизам за контрола.“ – стои во соопштението.

Ветуваат и зголемен фокус на сообраќајот и службите задолжени за безбедност во сообраќајот, но голем акцент се става и на позорникарската служба.

„Министерството за внатрешни работи во наредниот период големо внимание ќе посвети и на состојбата во сообраќајот, како во поглед на засилена превенција така и во поглед на санкционирање на граѓаните кои ги кршат сообраќајните правила и на тој начин ја загрозуваат и својата, но и безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Набавени се нови 30 радари, 80 апарати за контрола на алкохол кај возачите, како и друга опрема што ќе се искористи за подобрување на безбедноста во сообраќајот.“ – велат од МВР,

Додаваат дека во наредниот период ќе биде воведена позорна служба во Кочани, Тетово, Гостивар и Кичево. Потоа ќе продолжиме со воведување на позорната служба во Штип, Струмица, Валандово, Гевгелија и други градови, по примерот на Куманово каде во моментов е во тест фаза.

loading...