Италијаните шокирани од однесувањето на македонски средношколци, им вршеле нужда на подот од хотелот

АКЦИЈА
loading...

Хотелите не сакаат веќе да работат со македонски групи за екскурзии, заради отсуство на елементарна култура!

Снежана Стојановиќ, тур оператор за Италија и Европа од A&A Group DMC, која што соработувала со туристичката агенција ,,Балкан турист’’, која се најде во центарот на вниманието со средношколците од Неготино, оставени во Италија, по писмен пат ја прекинала соработката со групи од Македонија. Како што е наведено во писмото, причината за тоа е големо невоспитување на средношколците, пишува Фокус.

Тони Ристовски, сопственикот на агенцијата ,,Балкан турист’’ го доставил писмото од Стојановиќ до Фокус.

-,,Здраво Тони Ти праќам фотографија од купатилото на собата 55 каде некој извршил нужда на подот. Од хотелот ме повикаа утринава и имавме еден долг разговор на тема образование односно необразование и невоспитување на личноста која го сторила тоа. Жената која ги чисти собите не сакала тоа да го избрише, бидејќи никој не е должен да избрише такво нешто освен личноста која го направила. Навистина сите се запрепастени од таквото некултурно и срамно однесување под секое ниво на елементарната култура. Не ми е јасно како вашите професори немаат никаков авторитет во однос на воспитувањето и однесувањето на нивните ученици. Сите хотели се жалеа на нивниот однос и однесување, односно дивеење по хотелите до раните утрински часови. Навистина не ми е јасно што правеа професорите? ПС Хотелите не сакаат повеќе да работат со македонски групи затоа што покажаа невоспитување. Мене ми е жал, но во иднина јас твоите групи од Македонија нема да ги примам. Не сакам да ја доведам во прашање мојата долгогодишна соработка со хотелите поради вашите групи кои се однесуваат во хотелите под секоја елементарна основна култура. Тоа што го сториле е навистина срамно – го пренесува Фокус писмото потпишано од Стојановиќ.

Средношколската екскурзија на учениците од трета година на СОУ ,,Свети Кирил и Методиј’, се одржала од 2 до 8 април. Двајца ученици биле оставени сами во Италија, затоа што не се појавиле во договореното време, а групата продолжила во Франција.

Екскурзијата на ученици од трета година од СОУ ,,Свети Кирил и Методиј’’, започнала и се одвивала според однапред договорениот план. Четири ноќевања и полупансион, посета на Венеција, Верона и Милано во Италија и посета на Ница, Кан и Монте Карло во Франција била понудата на туристичката агенција ,,Балкан Турист’’ од Кавадарци, чиј сопственик е Тони Ристовски, кој заедно со уште двајца претставници од агенцијата бил присутен на екскурзијата, а покрај нив децата ги придружувале и девет професори и еден лекар. Присутни биле 133 ученици, сместени биле во два хотели, а се патувало со три автобуси.

По враќањето од екскурзијата, родители на социјалните мрежи обелоденија дека се случил скандал, кога две деца биле оставени во хотелот во Италија, бидејќи доцнеле петнаесеттина минути, а целата група со професорите и средношколците без нив, со автобусите продолжила во Франција. Децата го минале целиот ден во Италија сами, а групата се вратила назад дури во вечерните часови. Нивната реакција веднаш беше пренесена од страна на повеќе медиуми во земјава, пренесува Фокус.

loading...