Син на пациентка сакал преку ред, па нападнал докторка и почнал да ја дави

АКЦИЈА
loading...

Дежурна лекарка во Општа болница – Кочани синоќа била нападната на работното место од роднина на пациентка која била хоспитализирана во здравствената установа. Две други лица кои се нашле во близина успеале да го оттргнат напаѓачот и спречиле инцидент со посериозни последици.

Во инцидентот лекарката се здобила со телесни повреди, а доживеала и психичка траума, поради што побарала неколкудневен одмор.

– Нападот врз нашата колешка се случил во моментот кога ги прегледувала резултатите на пациентите кои требало да примат инсулин. Напаѓачот инсистирал неговата мајка која била примена претходниот ден и уредно згрижена, да добие приоритет, по што ја фатил лекарката за врат во обид да ја задави. Ова не е прв ваков напад врз лекарите во болницата, но е еден од најсериозните досега – рече директорката на Општа болница – Кочани, Борка Панова.

Во знак на солидарност со својата колешка, попладнево лекарите и медицинскиот персонал од болницата излегоа на мирен протест, со барање да добијат поголема заштита. Исто така, ги повикаа и граѓаните за поголема толеранција поради намалениот број лекари и медицински персонал.

Случајот бил пријавен во полиција, по што е направен увид на местотo на настанот, а вработените во болницата очекуваат против сторителот да се преземат соодветни законски мерки.

loading...