Браво, браво, браво… голем лајк за богобојазливите министри и министерки социјалдемократи!

АКЦИЈА

Бранко Героски

Читам деновиве, ова министриве и министеркиве социјалдемократи (бивши комунисти, нели) по Фејсбуков држат предавања за значењето на Велигден. Со текст и илустрации. На долго и на широко. И лајкови, лајкови… Да е Исус жив, би лајкнал и тој.

Што се случило на Велики петок, па на Велика сабота, па како е распнат Исус и зошто, па како воскреснал… Кратка историја на големата приказна во неколку ФБ продолженија. Како на времето, Кратката историја на СКП(б) на другарот Коба. Уф деца социјалдемократски, па вие и не знаете кој е другарот Коба, зарем не?

Бидејќи неодамна бев во Ерусалим, па сѐ уште ја помнам приказната што ни ја раскажа извонредниот водич додека одевме по патеката до гробот на Исус, можам да ви потврдам дека министриве и министеркиве прецизно го следат наративот и го споделуваат со паствата. Владици и попови не им се рамни.

И се прашувам, од каде бе комуњариве толку информирани за религијата опиум за народ?
Помислувам дека пи-ар службата на Владата завршила работа, па за секој министер и министерка подготвила по една велигденска поучна приказна, која треба да покаже колку се нашите водачи големи верници и богобојазливи луѓе.

Но нееее, ма не е можно… Па ако не друг, тогаш Бог ќе разбере за измамата!

Нема друго објаснување, заклучувам на крајот, освен ова – мора да имало часови по веронаука и во мое време (факултативно можеби), кои нашиве министри и министерки ги посетувале тајно. На големиот одмор. После часови. Во сабота и во недела…

Изгледа само во моето училиште сме задоени атеистички и само во мојата гимназија сме учеле марксизам. А може да било и пострашно – додека сите учеле за божјите чуда, јас сум бил хипнотизиран и сум изучувал една друга догма.

Кој ли ќе го знае… Божја работа!

loading...