Скопјанец: Да не беа банките и кредитите, ниту децата ќе ги школував, ниту сметките на државата ќе ги платев

АКЦИЈА
loading...

Дека денеска е многу тешко да се живее без кредитите кои ги даваат банките, потврдуваат многу македонски семејства. Речиси и да не постои семејство кое што не е задолжено во некоја банка.

Некој се задолжува за да може да си ги школува децата, некој за да реновира и доградува, а некој за купување на автомобил или пак за патување.

Во секој случај, податоците на банките покажуваат дека најбарани се потрошувачките кредити.

Семејството Николови од Скопје, е само едно од многуте, кое последните неколку години живее на рати. Од месец за месец. Крпен живот, како што вели Миле, домаќин на семејството.

-Додека беа живи моите родители, некако и туркавме од месец за месец. Не бевме должни на никој, ниту пак на државата. Работевме и јас и сопругата, и татко ми земаше пензија. Иако нашите плати беа мали, сепак со три примања во домот се туркаше некако. Се случуваше нашите плати да доцнат, но пензијата на татко ми секогаш беше редовна. Тогаш и децата беа помали, па немавме некој поголем трошок со нив. Откако татко ми почина, започна еден нов живот за нас. Јас и сопругата сме обични работници. Работници кој никој не ги цени, кои едвај земаме минимални плати. Со тие плати тешко е да се прехраниш, а не пак за нешто повеќе. Ќерка ми тогаш беше матурант. Требаше да се запише на факултет, а баш во тој момент сопругата остана без работа. Не сакав моите деца да останат без школа, и некогаш да се најдат на истото ниво, како ние што бевме тогаш. Прво на ум ми дојде банка и кредит. И така се започна. Земавме кредит во септември, кој го исплаќавме до нареден септември. И се така во круг, додека таа да заврши факултет. Поголемиот дел од финансиите одеа за неа, знаеше и со месеци да ни заостанат сметките, особено за струја. Неколку пати доаѓаа да ни ја исклучат. Тогаш сопругата, одеше во минус со платата, па така се покривавме и некако преживувавме. Откако таа заврши, беше ред и на другата ќерка. Иста приказна како и до претходно. Но, овој пат постарата ќерка се вработи, но не со диплома, туку во едена сендвичара, па и таа помагаше колку може. Цели десет години бевме на кредит и на рати. Десет години се расправавме со банките и со каматите. Но, не жалам. Сето тоа е направено за успех на моите деца. Не за луксуз. Не ни помислуваме за луксуз. Ниту за патување, ниту за автомобил. Тешки беа тие денови. Ги школував, но се уште дипломата не ја искористија. Не се децата виновни, живееме во Македонија, таква ни е реалноста. Делевме од нас, од уста, од основни потреби за нивни школување, но ете, се уште залудно, раскажува чичко Миле.

Приказната на оваа семејство е само една од многуте во Македонија. Многу семејства ја делат ваквата или пак слична приказна.

loading...