Власта најде начин. Двојазичноста во план да биде применета

АКЦИЈА
loading...

Имало излезни решенија за примена на Законот за јазици, само се барало применливото, најави претседателот на Собранието на брифинг со новинарите, без да прецизира како ќе се спроведе.

Спикерот Џафери и парламентарното мнозинство коваат план како контроверзниот закон за двојазичност да почне да се применува. Имало излезни решенија, само се барало применливото, најави претседателот на Собранието на брифинг со новинарите, без да прецизира како ќе се објави во „Службен весник“ ако на указот за законот не се потпише претседателот Иванов, кој веднаш по гласањето во третата фаза јасно кажа дека нема да потпише неуставен закон. Сепак вели дека нема да стави негов потпис на местото на Иванов.

-Излезни решенија има и се разгледуваат, а најприближната ќе се примени. Јас нема да се впуштам да ставам потпис под друго име, вели Џафери.

Најверојатно на координација со пратениците во понеделник ќе се прави обид за изнаоѓање на решение за примена на двојазичноста. За спикерот на Собранието, претседателот Иванов со тоа што одбива да стави потпис на законот грубо го кршел Уставот, ама тоа што самиот тој во неколку наврати го прекрши деловникот со ставањето на европско знаменце на законот, поминување на рокот за повторно ставање на гласање откако беше ставено претседателското вето, гласањето по скратена постапка и одбивањето на илјадниците амандмани на опозицијата, за Џафери не е кршење на највисокиот правен акт.

Премиерот Заев пак планира и иницијатива до Уставниот суд за да се оценува дали е уставен потегот на шефот на државата да не го потпише указот за законот за јазици. Најавата пак за барање одговорност од претседателот Иванов е невозможна, иако за започнување на постапката потребна е согласност од 30 пратеници, сепак двотретинско мнозинство одлучува за потребата за импичмент, пред да одлучува Уставниот суд, вели и самиот Џафери.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, се уште изостанува од работата на Собранието. Нивните услови за враќање во парламентарните клупи, пуштањето од притвор на приведените за настаните од 27 април и овозможување на демократски услови за непречена работа не се исполнети.

Џафери пак е оптимист дека веќе од следната недела Собранието ќе било комплетирано. Ова го објаснува со минатонеделната одлука на Врховен суд дел од пратениците на опозицијата од куќен притвор или во Шутка мерките им ги преиначи. Ова според спикерот значело и исполнување на условот за нивно враќање. Според него, усогласени биле и најголем дел од законите во работните групи.

loading...