Русија протерува македонски дипломат

АКЦИЈА

Министерството за надворешни работи на Русија, објави дека ги известило амбасадорите на 23 земји, помеѓу кои и Македонија, кои наредија протерување руски дипломати, дека ист број на нивни дипломати се прогласени за персона нон грата.

Преку соопштение на министерството се вели дека тие земји протерале руски дипломати поради труење со нервен агенс во Велика Британија на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија.

Завчера, Русија објави дека протерува 60 американски дипломати и го затвора американскиот конзулат во Санкт Петербург, како реципроцитет за потезите на Вашингтон.

Земјите кои денеска беа информирани за протерување на свои дипломати се: Австралија, Албанија, Германија, Данска, Ирска, Шпанија, Италија, Канада, Латвија, Литванија, Македонија, Молдавија, Холандија, Норвешка, Полска, Романија, Украина, Финска, Франција, Хрватска, Чешка, Шведска и Естонија.

Во соопштението, покрај другото се истакнува дека Русија го разгледува протерувањето во помал обем на дипломати од Белгија, Унгарија, Грузија и Црна Гора.

Русија не го наведе НАТО, од каде се протерани седум Руси.

loading...