Димитров сам против цела грчка делегација

АКЦИЈА
loading...

Во подготовка за денешната најавена нова рунда разговори околу наметнатиот спор за името од страна на Грција остана нејасно кои се членовите на македонската делегација што ќе отпатуваат на состаноците во австриската престолнина. На средбата во Виена овој пат ќе биде присутен и посредникот на ОН, Метју Нимиц. Во недостиг од официјални информации од МНР за средбата, според сознанијата досега објавени во медиумите, Димитров за Виена отпатувал сам, односно во присуство на потесниот круг соработници, без дипломати, советници, експерти, академици или познавачи на проблематиката.

За разлика од Македонија, каде што тимот се дооформува, во Грција луѓето што се вклучени во советодавните предлози на тамошната влада и се директно поврзани со спорот за името се одамна познати, не се менуваат со години и се истакнати судии, дипломати, професори, доктори на науки итн. Во таа насока информациите во грчките медиуми се дека во грчката влада задолжени за прашањето за името што се подготвувале да отпатуваат за Виена се и браќата Евангелос и Георги Калпадакис, првиот директор на дипломатската канцеларија, а вториот директор на канцеларијата на МВР на Грција. Според тамошните пишувања, не е исклучено за Австрија да заминат и портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос и Екатерини Кока, директорка на дипломатската канцеларија. Ова се инаку луѓето што ги подготвуваат материјалите и брифинзите за шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, премиерот Алексис Ципрас и поранешниот преговарач Адемантиос Василакис и кои речиси стандардно патуваат во делегациите на грчкото министерство за надворешни работи или Владата. Од друга страна, пак, во последниот период низ домашната јавност проструи веста дека по тргањето настрана, односно изолирањето на досегашниот преговарач Васко Наумовски, кој беше поставен од претходната политичка гарнитура, ќе се ангажираат и вклучат нови стручни лица за преговорите за спорот со Грција и дека премиерот Зоран Заев контактирал и со членови на МАНУ, дипломати и претставници на дијаспората за мислење за проблемот. Но засега сѐ уште е нејасно кој друг, всушност, освен Заев и Димитров, е директно вклучен во целиот овој процес. Одговор на овие прашања неодамна побаравме директно од Владата и од МНР.
– Македонскиот премиер Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров немаат посебни советници за преговорите за името со Грција- изјавија неодамна од Владата за „Нова Македонија“.

Во меѓувреме грчкиот премиер Алексис Ципрас вчера порача дека промената на Уставот е предуслов за трајно решение за името.
Официјална Атина побара од Скопје сила да донесе „тешки и неопходни одлуки“, кажа грчкиот премиер. Според него, преговорите биле со чувство на одговорност за решение што ќе ги гарантирало грчката историја и културно наследство, а во исто време ќе исклучувало секаков вид наводен иредентизам од другата страна, изјави Ципрас.
Грчките медиуми пренесуваат и дека токму поради тоа патот до решение за името може уште долго да трае. Иако досега постоел оптимизам во периодот до Велигден да има конечен договор, кој би се ратификувал во април или мај, сепак разликите помеѓу Скопје и Атина испливуваат на површина. Шефот на македонската дипломатија Димитров непосредно пред средбата во Виена порача дека ако целта на разговорите е да се најде достоинствена дистинкција меѓу Македонија и регионот во Грција, тоа е можно. Но ако е целта да бидат Македонците и македонскиот јазик избришани, нема да има решение.
Според најавите, разговорите во Виена започнуваат со заедничка вечера помеѓу шефовите на дипломатиите, кои, пак, денеска ќе се сретнат со посредникот Метју Нимиц. Коѕијас во Виена допатува од Албанија, Димитров пак најави дека Владата по средбата во Виена ќе ги свика државниот врв и лидерите на клучните партии во земјата.

loading...