Човек близок до Груевски испратил наредба за упад во Собранието на 27 април

АКЦИЈА
loading...

Еден од обвинетите за „крвавиот четврток“, кој на 27 април во 14.30 часот добил телефонски повик да ја започне акцијата за упад во Собранието бил контактиран од лице од обезбедувањето на тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски со кого заедно биле во Виена, Австрија, објави порталот „Судство.мк“, повикувајќи се обвинението што Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција вчера го поднесе во Кривичниот суд против 30 лица.

Извори од правосудните органи за НОВА потврдија дека ваква комуникација имало и дека е наведена во обвинителниот акт.

Според обвинението кое го објавува порталот, лице од обезбедувањето на Никола Груевски контактирал со еден од обвинетите кој е недостапен на органите на прогонот, за да собере 68 насилници. По овој повик тој заедно со уште едно лице контактираат уште двајца од обвинетите и уште четири други лица, кои го мобилизираат членството од Скопје и други градови за насилен упад во Собранието, однапред знаејќи дека не е соодветно обезбеден и заштитен од полициските сили.

Груевски за време на насилствата во Собранието од 27 април, минатата година не беше во земјава, односно беше во Виена, на, како што тогаш изјавија од партијата, средба со тогашниот лидер на австриската владејачка народна партија, Вернер Амон.

Додека траеја насилствата во Собранието Груевски од Виена, се огласи на својот фејсбук и твитер-профил.  За ситуацијата ја обвини тогаш опозициската СДСМ.

„Насилството не е решение и потребно е смирување на страстите. Повикувам на присебност. Народот да не подлегнува на провокациите на СДС и оние кои сакаат да ја втурнат државата во уште подлабока криза и да исполнат нивното сценарио. Потребно е смирување на страстите. ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на овие антидржавни постапки на СДС преку правни и политички демократски средства“, напиша тогаш Груевски на Фејсбук.

Груевски во Македонија се врати во раните утрински часови следниот ден и свика прес-конфренција во четири часот изутрина, на која рече дека „со насилството некој сакал прстот да се впери во ВМРО-ДПМНЕ“.

Тој побара брза истрага за затворање на поединците кои вршеле насилство врз пратениците и граѓаните, додавајќи дека насилниците не треба да се мешаат со оние граѓани кои секојдневно протестираат. Според него, некој намерно ги исценирал вчерашните настани со цел прстот да се впери во ВМРО-ДПМНЕ. Груевски ја осуди и постапката на СДСМ со која според него на неделовнички начин се обиделе да изберат претседател на Собранието.

loading...