Зошто Македонија го доби најлошиот предлог во историјата на преговорите за името

АКЦИЈА
loading...

Mакедонија го доби најлошиот предлог во историјата на преговорите за името. Kако се случи по 25 години преговори покрај стандардните барања за промена на референцата, географска одредница и ерга омнес да добиеме барање за промена на уставот и барање за име кое не може да се преведе е прашање за кое засега никој не нуди одговор.

Дека состојбата и покрај оптимизмот на премиерот Заев и министерот Димитров е тешка потврдува и вицепремиерката и министер за одбрана која иако се уште е оптимист признава дека сепак е можно да нема решение. Радмила Шеќеринска во интервју за емисијата „360 степени“ вели дека Македонија без разлика на решението требала на светот да му покаже дека била крајно конструктивна во процесот на барање на решение.

Еден од одговорите на прашањето зошто Македонија деновиве се соочува со најрадикални барања за името е дека Грција како искусен дипломатски трговец ја користи македонската позиција според која ние прерано се откажавме од сите црвени линии.

Втората можност е поврзана со внатрешната состојба кај јужниот сосед. Сценариото дека Сириза на Ципрас која во анкетите заостанува зад Неа Демократија за 9 проценти ќе се обиде да го искористи македонското прашање за намалување на разликата е реално.

Затоа е логично грчките власти сега да поставуваат крајно радикални барања кои што мораат да бидат одбиени затоа што се косат со сите меѓународни стандарди. Практично Македонија по последната осуммесечна кампања за искажување на конструктивност е ставена во ситуација да бира од две понудени зла. Или да прифати понижување или да го запре влезот во НАТО и ЕУ на неодредено време.

loading...