Кина со контра-шамар за САД – воведува тарифи на американска стока

АКЦИЈА
loading...

Кина најави листа на американски производи, вредна околу 3 милијарди долари, кои се на мета на можна одмазда во спорот со царините со американскиот претседател Доналд Трамп и се подготвува за сѐ поголема битка околу проблемот со технологијата.

Кинеското министерство за трговија соопшти денес дека поголемите царини на американското свинско месо, јаболката, челичните цевки и друга стока би ги надоместиле кинеските загуби кои ќе ги нанесе Трамповото кревање на царините на увоз на челик и алуминиум.

Пекинг го повика Вашингтон на преговори за да се договорат, не поставувајќи рокови.

Трамп вчера ги иницираше трговските мерки против Кина, со објаснување дека дефицитот на САД во трговијата со Кина е „надвор од контрола“ и дека изнесува 504 милијарди долари, обвинувајќи го истовремено Пекинг за кражба на интелектуална сопственост.

Кинеското министерство и вчера ја критикуваше одлуката на Трамп за зголемување на царините на кинеската стока вредна до 60 милијарди долари, поради политиката на Пекинг за технологијата. Тогаш не беше дадено никакво навестување за можен одговор на одлуката на САД, но министерството за надворешни работи соопшти дека Пекинг „ќе ги преземе сите неопходни мерки“ да ги заштити кинеските интереси.

Денешниот кинески одговор, како што оценува Асошиејтед прес, најверојатно има за цел да го засили внатрешниот притисок врз Трамп во САД, укажувајќи јасно кои извозници, вклучувајќи ги и земјоделските региони кои гласаа за него во 2016, би можеле да претрпат штета.

Министерството за трговија наведе дека денешната листа е одговор на Трамповите царини на челик и алуминиум, а компаниите веќе ги разгледуваат можните последици од потенцијалните нарушувања до кои би можел да доведе поголемиот проблем – обвинувањата дека Кинезите крадат американска интелектуална сопственост или ги присилуваат американските компании да им ја предаваат технологијата.

loading...