Русија се закани со последици ако влеземе во НАТО, Заев им врати

АКЦИЈА

Официјална Москва денеска повторно предупреди дека влезот на Македонија во НАТО би можел да има негативни последици за регионалната безбедност, но и за билатералните односи меѓу двете земји.

Руската официјална политика по вторпат во последниот месец отворено се спротивстави на можниот влез на Македонија во НАТО. Најновото предупредување, кое содржи и закана по иднината на билатералните односи, произлезе од средбата на македонскиот амбасадор во Москва, Гоце Карајанов со рускиот заменик-министер за надворешни работи Александер Грушко.

„Руската страна наведе дека плановите да се внесе Република Македонија во НАТО би можеле да имаат негативни последици за регионалната безбедност и за билатералните односи“, гласи последната реченица од соопштението од состанокот.

Пред точно еден месец, во интервју за српската агенција Бета, слични предупредувања испрати и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, иако неговиот речник беше нешто поумерен. Лавров тогаш рече дека „проширувањето на НАТО со Македонија е грешка“. Во тој контекст, Лавров тогаш оцени дека проширувањето на НАТО „претставува можеби и најсериозен предизвик за општата европска стабилност и безбедност“.

Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев излезе во јавноста со одговор за Русите.

Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по тематската седница на Владата денеска порача дека тежнеењето на Македонија да се интегрира во НАТО не значи спротивставување на Русија и дека тоа членство е повеќедецениска аспирација на македонските граѓани.

Според Заев, зачленувањето во НАТО е важно за стабилноста и безбедноста на Македонија и на регионот (иако Русите го тврдат спротивното). Заев порачува дека Македонија како своја стратешка цел го има и унапредувањето на соработката со Руската Федерација.

– Нашето интегрирање во НАТО не значи спротивставеност на унапредување на соработката со Руската Федерација, заради тоа што Македонија во своите стратешки цели има намера да ја унапреди соработката со РФ, пред се на економски, на културолошки, образовен, и на секаков друг план – рече македонскиот премиер.

Тој рече дека определбата кон НАТО е од пред 25 години.

– Сакам да напоменам дека уште во 1993 година со заедничката декларација во Парламентот, Македонија ги има утврдено своите стратешки приоритети, меѓу кои е НАТО интеграцијата. Впрочем, тоа е и израз на огромното мнозинство – преку 75 посто од граѓаните се за интегрирање во НАТО. Интегрирањето во НАТО е многу значајно и за стабилноста и безбедноста на Македонија, но и на целиот регион – рече Заев.

loading...