Кривична за директорот на „Службен весник” ако го објави Законот без потпис на Иванов

АКЦИЈА
loading...

Професорката по уставно право, Тања Каракамишева во интервју за Вечер Пресс вели дека пратеникот Талат, кој на нелегитимен и нелегален начин е „избран” на позицијата претседател на Собранието, направи неколку клучни неделовнички потези кои целата постапка на донесување на законот ја прават ништовна

Потпишувањето на указот од страна на претседателот е финализирање на постапката со која во трето читање беше изгласан законот за употреба на јазиците. И додека во јавноста се калкулира со можностите за неговото стапување во сила, можно ли е законот да стапи во сила без потпис од претседателот на државата?

Се додека законот не помине низ сите со Деловник предвидени фази од неговото донесување, законот не може да се смета за донесен. Ова посебно важи за закони што се изгласани од пратениците, а указот за нивното прогласување не е потпишан од претседателот на Републиката, како во случајов со Законот за јазиците. Во системи во кои се почитува владеењето на правото постои јасно разграничување меѓу двете фази во процесот на носењето закон: фаза на изгласан закон во Собранието, и фаза на конечно донесен закон. Разликата меѓу овие две фази се разгледува преку ветото на претседателот, тој формален, а сепак суштински потпис на претседателот со кој практично се овозможува изгласаниот закон во Собранието да може да се смета за конечно донесен закон.

Ветото на претседателот нема можност да го смени веќе изгласаниот закон, но има значење кога треба да се заштити одредена состојба за доброто на сите или кога е неопходно одредена позиција да остане непроменета ако со законот се предвидува да настанат одредени негативни состојби во системот.

Во нашиов случај многу е интересен фактот дека токму оние што беа и се уште се најгласни за правото на употреба на Бадинтерово блокирање на законите ако не се постигне согласност за одредени прашања од страна на заедниците што не се мнозинство во државата, сега се бунат кога претседателот заради прекршени процедури не го потпишува указот за прогласување на законот. Ветото на претседателот е легално и легитимно затоа што општото добро е доведено во опасност. Згазена е парламентарната демократија, згазена е волјата на опозицијата преку амандманска расправа да влијае на подобрување на текстот на законот. Двојните стандарди не се добра алатка за постигнување институционална рамнотежа меѓу властите. Како е можно Бадентер да се применува секогаш и во секоја пригода кога тоа е од интерес на Албанците, а условно “другата# страна да нема никаков механизам за заштита на своите интереси во државата.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на седницата за законот за јазици одлучи да ги заобиколи илјадниците амандмани кои ги поднесе опозицијата. Каде е злоупотребата на Деловникот и на позицијата претседател на Собранието во овој случај?

Пратеникот Талат, кој на нелегитимен и нелегален начин е „избран” на позицијата претседател на Собранието, направи неколку клучни неделовнички потези кои целата постапка на донесување на законот ја прават ништовна. Најнапред дозволи Владата, односно Министерството за правда да му подметне закон со европско знаменце без за тоа да има правна основа. Му беше предложен закон со европско знаменце без да има образложение врз основа на кој пропис од правото на ЕУ се усогласува овој предлог-закон, а тој согласно Деловникот е должен да се грижи за правилна примена на одредбите од Деловникот и да се грижи за правилна примена на Законот за Собранието на РМ.

Во однос на последната фаза, кога законот согласно забелешките на претседателот на Републиката требаше да биде вратен во фаза на трето читање, и требаше да биде отворена амандманска расправа, и да се расправа за секој поднесен амандман одделно, и да се гласа за секој поединечен амандман, Талат одлучи да не ја отвори расправата по амандманите и веднаш го стави законот на гласање што е повторно флагрантно кршење на Деловникот, и несовесно вршење на службата за што не само што ќе биде поднесена интерпелација, туку и кривична пријава. Да напоменам дека одговорноста на Талат е поврзана и со непочитувањето на преклузивниот рок од 30 дена утврден во член 173 од Деловникот каде се вели дека Собранието повторно го разгледува законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. И овде Талат целосно ја утна работата.

Како член на Венецијанската комисија, какви забелешки очекувате да даде Комисијата, ако според најавите, законот биде испратен таму. Можни ли се сериозни измени на текстот, кои не би можеле да останат игнорирани?

Венецијанската комисија никогаш не се впушта во разгледување на одделни членови од закон. Таа секогаш ја разгледува целината на законот и напоменувам сите држави ги доставуваат на мислење законите пред да бидат донесени, а не по нивното донесување, како што тоа го прави Владата на РМ. Што е идејата на овој однос? Идејата е пред да се донесе одреден закон да бидат испратени забелешки со цел истите да можат да бидат вградени пред неговото донесување. Оти чуму се забелешки на веќе донесен закон, и плус на закон кој власта сака насилно да го објави во „Службен весник“. Она што е важно е дека Комисијата сугерира, таа нема право да наметнува свои мислења како задолжителни. Во принцип, Комисијата може да даде конкретни забелешки кои членови не ги почитуваат европските стандарди или излегуваат надвор од опсегот на европските стандарди, но не дава конкретни решенија како да биде формулацијата на законските одредби. Исто така Комисијата не одлучува дали одреден закон е или не е во согласност со Уставот на РМ. Таа обврска ја има Уставниот суд на РМ, која ќе дојде на ред ако законот стапи на сила, односно ако го објават во „Службен весник” без потпис на претседателот на Републиката, што е законска основа за уште една кривична пријава до директорот на „Службен весник“ ако се одлучи да го објави законот без потпис на претседателот на Републиката.

loading...