СЈО побара казна затвор за Ивона Талевска

АКЦИЈА
loading...

Специјалното јавно обвинителство поднесе жалба до Апелацискиот суд во врска со пресудата во случајот „Тифани“ во кој на новинарката Ивона Талевска ѝ беше пресудена условна казна за затајување на данок. СЈО во жалбата пишува дека се бара јавна седница на Советот на Апелацискиот суд за случајот „Тифани“.

„До Апелацискиот суд е поднесена жалба, односно се предлага обжалената пресуда да ја преиначи во ефективна затворска казна, како главна казна и повисока парична казна, како споредна казна. Исто така, за правното лице ‘Смарт’ групацијата да се осуди на повисока парична казна“, ни изјавија од СЈО.

Според одлуката на судот, Талевска нема да помине две години во затвор доколку во наредните четири не стори ново кривично дело.

Кривичниот суд пресуди обвинетата Талевска во рок од еден месец да плати казна во висина од 1.000 евра, делот за трошоците за вештачењето, а во период од една година треба да го надомести затаениот данок, односно сумата што Специјалното јавно обвинителство ја прецизираше во обвинението.

Случајот „Тифани“ се однесува на кривично дело што траело од 2008 до 2014 година, при што Талевска како управителка на друштвото за консалтинг „Смарт ДООЕЛ“ и на „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“ за тој период одбегнала да плати даноци, а во завршните сметки давала лажни податоци, при што затаила 2.314.463 денари или 37.634 евра преку фирмите и 1.040.840 денари или 16.924 евра личен данок.

loading...