Пустошот во Охрид по невремето, сликата денес

АКЦИЈА
loading...

По вчерашното силно невреме проследено со засилен јужен ветер и високите големи бранови во Охридското езеро, кои предизвикаа големи оштетувања на крајбрежниот дел, од утрово надлежните екипи се веќе на терен во санирање на штетите од невремето.

По вчерашното невреме во Охрид заседаваше Кризниот штаб на градот кој констатирал дека најголеми оштетувања од големите бранови предизвикани од силниот ветер има на крајбрежните објекти на потегот од Канео до градскиот плоштад.

Мостот на желбите целосно урнат

Во расчистувањето што продолжува денеска ќе бидат ангажирани сите Јавни претпријатија со потребни работници кои ќе бидат подготвени со алат и механизација за санирање на штетите.
Покрај многубројните локали кои претрпеа сериозни штети, на удар на брановите кои достигнуваа висина и над еден метар, се најде и Мостот на желбите.
Според фотографиите објавени на социјалните мрежи, познатиот Мост е целосно урнат во вчерашното невреме.

Барања за обесштетување
Од Кризниот штаб апелираат да се тргнат автомобилите и да се регулира сообраќајот во стариотдел на Охрид за да може механизацијата непречено да работи на расчистување.
Правните и физичките лица кои се оштетени од невремето од понеделник ќе можат да поднесат барање за обесштетување. Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди по пријава ќе излезе на терен.

– Во Охрид вчера дуваше силен ветер од јужен правец чија брзина изнесуваше над 90 километри на час, што го разбранува Охридското езеро. Силниот ветер од над 90 километри на час, предизвика бранови во висина од 120 сантиметри, велат од Кризниот штаб.
Нивото на Охридското Езеро е на 693,78 метри и тоа е три сантиметри над дозволената кота од 693,75 метри.
Кризниот штаб е во постојана комуникација со АД ЕЛЕМ, од каде велат дека кај Дрим се испуштаат по 20 метри кубни вода во секунда.

loading...