Колку ќе не чини двојазичноста

АКЦИЈА
loading...

 

Експертите се согласни дека законот прескапо ќе ја чини домашната економија и ќе удри по џебот на сите граѓани. Може ли една главно сиромашна држава, со сѐ уште неразвиена и слаба економија и висока стапка на невработеност, да ги поднесе и преживее сите овие високи трошоци што ќе ги наметне законот

Иако иднината на законот за двојазичност сѐ уште е нејасна, со оглед на фактот дека претседателот на државата веќе се изјасни дека нема да го потпише, неизбежно се наметнува и прашањето колку неговата имплементација ќе ги чини граѓаните.
Повеќето експерти одбиваат да калкулираат со конкретна бројка, но сите се согласни дека законот прескапо ќе ја чини домашната економија и ќе удри по џебот на сите граѓани, бидејќи тој не само што ќе се одрази на државните институции, туку ќе го засегне и приватниот сектор, поради што е тешко да се одреди колку точно ќе нѐ чини.

Начелно, во законот се споменува дека за негова имплементација ќе бидат неопходни 1,7 милион евра, но упатените во проблематиката укажуваат дека тој може да нѐ чини дури и десет пати повеќе од предвиденото. Исто така, истакнуваат дека трошоците ќе се повторуваат или зголемуваат секоја наредна година доколку овој закон стапи во сила.
Имено, секоја државна институција ќе мора да има албански преведувачи за документацијата. Дополнително, вработените што ќе имаат комуникација со граѓаните ќе мора да знаат и македонски и албански јазик. Сето тоа чини и пари и ресурси.
Имплементацијата на законот не ги засега само Владата и Собранието туку сите државни институции, како министерствата, царината, судството, но покрај нив ќе мора да се приспособат и училиштата, здравството, јавните претпријатија, а одраз ќе има и врз приватниот сектор. Први на удар ќе бидат адвокатите, нотарите, извршителите, но и преостанатиот економски сектор, бидејќи дури и фискалните сметки ќе треба да се издаваат на двата јазика, што ќе наметне и други трошоци.

Според објаснувањето, со овој закон ќе треба да се оформат две нови тела, агенција за примена на јазикот и инспекторат за употреба на јазиците, за кои само за оваа година би биле потреби 260 илјади евра. За веќе постојните институции што ќе мора да вработат најмалку преведувачи, а плус и други вработени, не е пресметано колку ќе чини двојазичноста.
Иако од Владата тврдат дека нема да има нови вработувања, туку дека за новите институции ќе бидат земени вработени од другите државни институции, сепак, се наметнува прашањето како ќе се обезбедат преведувачи за сите царински испостави, за сите училишта, за јавните претпријатија…

Наведената бројка во законот, според упатените во овој проблем, е само параван да изгледа дека тој нема да не чини многу. Вистинската сума е многу повисока и сето тоа ќе падне врз грбот на граѓаните преку зголемени даноци и други давачки. Експертите истакнуваат дека законот, освен во новите институции, со примената ќе наметне огромни трошоци во сите институции, не само печатењето на парите, или новите униформи за војниците и за полицајците, туку тој ги засега и здравствените институции, кои ќе мора да имаат вработени што ќе зборуваат и македонски и албански јазик, и тоа не само болниците туку и аптеките. Сите институции ќе мора да бидат подготвени да издаваат документи на двата јазика, што значи нови вработувања или курсеви за вработените за да го научат јазикот.

Еден показател за почетните трошоци од овој закон е членот 8, во кој стои: Униформите на полицијата, пожарникарството, здравството во Скопје и во единиците на локалната самоуправа, во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, ќе бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.
Но ова не се единствените трошоци што на крајот ќе паднат на грбот на граѓаните, односно на даночните обврзници. Двојните табли во државните училишта, двојните пари, униформи, преведувачи и лектори во сите институции се само мал дел од трошоците што ќе мора да ги покријат граѓаните.

Со законот сите судови, јавни обвинителства и други органи, тела и институции мора да овозможат употреба на службените јазици, што значи на секое рочиште ќе мора да има преведувач за албански јазик. Дополнително, двојазичноста ќе се одрази на униформите на државните службеници во Скопје и во другите градови каде што Албанците се над 20 отсто од вкупното население.
Притоа, на албански јазик мора да се достапни и поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, бандеролите, сите книжни и ковани пари. Исто така, и на граничните премини и на аеродромите ќе мора да има најмалку преведувач и плус натписите и патоказите ќе се пишуваат на македонски јазик и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните.
Меѓу другото, сите државни органи и јавни институции, агенции, дирекции, установи, организации, комисии… ќе мора да имаат двојазични веб-страници. Може ли една главно сиромашна држава, со сѐ уште неразвиена и слаба економија и висока стапка на невработеност, да ги поднесе и преживее сите овие високи трошоци што ќе ги наметне законот.

loading...