Има разлика а? Еве по што се разликуваaт законот за употреба на јазиците од 2018 и тој од 2008-ма

АКЦИЈА
loading...

На новиот Закон за употреба на јазиците кој пред 2 дена беше изгласан во Собранието му претходи „Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа“, донесен во 2008 како последица од потпишувањето на Рамковниот договор и следствено, промената на Уставот во ноември, 2001.

Во јавноста се јавија забуни за потребата од донесување на нов закон за истата материја. Многумина негодуваа и критикуваа дека се отвораат стари прашања, дека Рамковниот договор е веќе целосно имплементиран во однос на прашањата за јазикот на малцинствата и дека нема потреба да се „поправа тоа што не е скршено“. Глува за таквите критики, Владата на РМ упорно лобира за новиот Закон, прикажувајќи го како нешто со што се исправаат „недоследности во примената и опфатот на постојаната правна регулатива“. Потребата за нов закон е нејасно и бегло оправдана во воведниот дел на Предлог-законот, каде без многу образложување пишува дека:

Во досегашната пракса и детектираните недоследности во примената и опфатот на постојната правна регулатива, констатирана е потреба од доуредување на правната материја со која се регулира употребата на јазиците, поради што Владата на Република Македонија, предлага нов Закон за употреба на јазиците.

Понатаму, во документот е наведена и основната цел на новиот закон, која е „доследно преточување на уставните амандмани во законски текстови во однос на употребата и примената на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо“, со што на индиректен начин се тврди дека Законот од 2008 недоследно ги преведува уставните амандмани кои исто така произлегуваат од Рамковниот договор.

За да нешто се нарече ново, мора да се пронајде во што се разликува од старото. Во следниот текст ќе се обидеме да направиме анализа на новиот Закон во споредба со Законот од 2008 година.

1. Различни наслови

Насловот на новиот Закон е различен од насловот на Законот од 2008 година. Стариот закон во насловот недвосмислено укажува дека ја регулира употребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа. Ново-предложениот закон едноставно е насловен како „Закон за употреба на јазиците“.

2. Стариот закон без, новиот со европско знаменце

Законот од 2008 (оправдано) не беше третиран како закон со кој се усогласува македонската со европската регулатива и не беше донесен со европско знаменце. За разлика од 2008, Предлог-законот од 2017 е обележан со европско знаменце. Нејасно е зошто е превземен ваков чекор кога содржината на предлогот нема врска со било какво моментално усогласување на македонското со европското законодавство со цел земјата да влезе во ЕУ. Всушност, предлогот третира тема која е специфична само за Република Македонијa, во специфичен контекст својствен за земјава.

Според ВМРО-ДПМНЕ, вклучувањето на овој новиот Закон во процесот за ЕУ интегрирање е направено со цел да се спречи поширока дебата за истиот, да се донесе што е можно побрзо откако ќе влезе во собраниска процедура и да се изземе од одговорност предлагачот, во овој случај Владата на РМ предводена од Зоран Заев.

3. Законот од 2008 предвидува употреба на малцинските јазици само на локално, а со новиот Предлог-закон употреба и на централно ниво

Член 1 од стариот Закон од 2008 недвосмислено укажува дека малцинските заедници над 20% го уживаат правото да го користат својот мајчин јазик исклучиво во единиците на локалната самоуправа. Тој вели:

Со овој закон се уредува употребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа.

Таквото формулирање произлегува од и е во согласност со Уставот на Република Македонија, поточно со амандман V:

Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.

Понатаму, член 2 од Законот од 2008 подетално го дефинира опфатот на самиот закон, т. е. ги листа институциите и постапките во кои овој закон може да се применува:

Јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија се употребува во Собранието на Република Македонија; комуникација на граѓаните со министерствата, судските постапки; управната постапка; извршување на санкции; народен правобранител; изборниот процес; при непосредно изјаснување на граѓаните; при издавањето на личните документи на граѓаните; при водењето на матичната евиденција; примена на полициски овластувања; во радиодифузната дејност; инфраструктурни објекти; локалната самоуправа; финансиите; економијата; образованието и науката; културата и во други области и институции согласно со овој закон.

Може да се заклучи дека употребата на јазиците од страна на малцинствата непречено се спроведува во сите институции и постапки на локално ниво, односно во општините каде над 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот. Истовремено, амандман V од Уставот на РМ гарантира комуникација и употреба на втор службен јазик со подрачните единици на министерствата.

За разлика од стариот, новиот Закон воведува употреба на малцинските јазици и на централно ниво. Во став 3, член 1 од Предлог-законот пишува:

(3) Во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, на начин определен со овој закон.

Предвидената имплементација на малцинските јазици во институциите на централната власт, de facto, ја проширува нивната употреба и на ниво на целата држава, вклучително и во општините каде што живеат само Македонци. Тоа е од причина што локалните власти се во постојана интеракција и комуникација со централната власт. На пример, доколку одредено службено лице вработено во институциите на централната власт се повика на Предлог-законот, комуникацијата ќе мора да се одвива двојазично со општините каде се зборува само македонски јазик; во најмала рака ќе се создаде колизија меѓу личното право да се зборува на мајчиниот јазик различен од македонскиот кое е загарантирано со новиот Закон и Уставот кој гарантира дека македонскиот јазик е службен на целата територија од земјата. Во предложениот закон, постои и инхерентна контрадикторност помеѓу амандманот V од Уставот на РМ кој вели дека малцинствата си ги остваруваат своите јазични права на локално ниво, т. е. во единиците на локалната самоуправа, спротивно на Предлог-законот кој ја гарантира употребата на централно ниво.

4. Промовирање само на албанскиот јазик, дискриминирање на останатите малцински јазици

Еден од најконтроверзните ставови на новиот Закон на СДСМ и ДУИ е став 2 од членот 1, во кој се вели „Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон.“ Издвојувањето на албанскиот јазик во заграда е во целосна спротивност со Уставот на РМ во кој јазикот на ниту едно малцинство во земјава не се именува и издвојува, не му се додава или одзема вредност, туку во функција на рамноправност — Уставот секогаш ја користи фразата „ јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните.“ Нашиот Устав ги препознава и третира сите малцинства во Македонија рамноправно — „граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите…“, како што е наведено во амандманот IV. Со додавањето на албанскиот јазик во заграда, се дискриминираат останатите малцинства во РМ кои зборуваат поинаков јазик од македонскиот и албанскиот. Промовирањето и издвојувањето на албанскиот јазик ќе предизвика двојазична држава, во која сите други јазици се маргинализирани и дискриминирани. Тука се поставува и прашањето дали овој закон ќе соодветствува со некоја нова идна реалност кога некое друго малцинство би надраснало 20%, но би зборувало на јазик различен и од македонскиот и од албанскиот. За разлика од новиот предлот, Законот од 2008 ја користи истата фраза како и Уставот на РМ и со тоа не издвојува и не дискриминира ниту едно малцинство по било кој основ.

5. Имплицирање можност за меѓународна употреба на албанскиот јазик

Додека Законот од 2008 воопшто не споменува никаква употреба ниту на државно ниту пак на меѓународно ниво на друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, новиот Закон за употреба на јазиците имплицитно ја остава таа можност. Имено, ги повторува нејасните параграфи од амандманот V од Уставот, ги препишува вербатим и ја додава фразата „албански јазик“ во заграда. Така што, ставовите 1 и 2 од членот 1 на Предлог-законот пишуваат:

(1) На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
(2) Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон.

Се јавува истиот проблем којшто се наоѓа и во амандман V од Уставот — нејасно е дали вториот службен јазик (во случајов потенцирано албанскиот) би се употребувал и за меѓународна употреба. Предлог-законот не допринесува за појаснување на овој лингвистички проблем, напротив, го обременува и дополнително комплицира со издвојувањето на албанскиот јазик во заграда.

6. Целосна и задолжителна употреба во Собранието на РМ

Пратениците, избраните и именуваните функционери од Собранието, според Законот од 2008 и неговата измена во 2011, може да користат јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на РМ само кога говорат на седници на Собранието и работните тела, кога претседаваат со седници на работните тела и да ги добиваат собраниските материјали на тој јазик (член 3).

Новиот закон ја регулира истата тематика во член 4 од истиот и воведува неколку битни разлики. Како што забележува професорката по Уставно право и политички систем Гордана Силјановска, стилот на кој се напишани ставовите се менува од доброволен во императивен. На пример, претходниот Закон од 2008 сосе измената од 2011 вели:

Пратеник, избран или именуван функционер од Собранието на Република Македонија, кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, МОЖЕ на седница на Собранието и на седница на работното тело да зборува на тој јазик.

Намерно е потенциран зборот МОЖЕ за подобро да се воочи разликата со формулацијата во новиот Закон кој во став 2, член 4 вели:

(2) Пратеник, избран или именуван функционер кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, на седница на Собранието на Република Македонија и седници на работни тела зборува и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија.

Забележете дека зборот „може“ исчезнува од новиот Закон на СДСМ и ДУИ менувајќи го суптилно, но драстично. Ваквата формулација не остава можност уживателот на правото сам да одлучи дали ќе зборува на јазик различен од македонскиот за време на седниците и му наложува да „зборува и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија“. И не застанува тука, во сите останати членови во Предлог-законот се користи императивен, задолжителен, наредувачки стил со кој не се остава можност за избор некој по своја волја да одлучи дали ќе ги користи правата дадени со овој закон или пак не.

Стенограмите од седниците, сите закони и други акти што ги донесува Собранието според новиот Предлог-закон стануваат повеќејазични, т. е. ќе се издаваат и чуваат на македонски и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на РМ.

Со новиот закон претседавачот (претседателот на Собранието или негов заменик) ќе може да зборува на јазик поинаков од македонскиот додека претседава со седница на Собранието, што досега не беше дозволено со Законот од 2008. По донесувањето на новиот закон за употреба на јазиците, Талат Џафери и легално ќе може да води седници на албански јазик.

7. Владата на РМ повеќе нема да работи само на македонски

Новина е и воведувањето на малцинските јазици во работата на Владата на РМ. Кога избран или именуван фунционер кој зборува јазик различен од македонскиот ќе претседава или зборува на седници, комисии и колегиуми, според новиот закон, ќе зборува и на тој јазик покрај македонскиот (член 5). Понатаму, слично како и со предвидените измени во работата на Собранието, сите документи, стенограми и акти кои во иднина ќе бидат донесени од страна на Владата ќе мора да бидат во најмала рака двојазични (македонски и албански), со оглед на моменталната состојба во општеството.

8. Задолжителни двојазични веб страници, печати, називи на институции и канцеларии и на централно ниво

Новиот закон ја регулира употребата на јазиците во називите, печатите, веб страниците на централните институции и канцелариите на локалната самоуправа каде над 20% зборуваат јазик различен од македонскиот. Според предлогот, ќе мора да бидат напишани и публикувани на македонски и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% граѓаните во РМ, со иста големина и фонт.

9. Промена на пари, поштенски марки, униформи

Можеби најконтроверзното во новиот Закон е тоа што во членот 8 се предвидува промена на книжните и кованите пари со вметнување на симболи од заедниците во кои над 20% се зборува јазик различен од македонскиот. Поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, бандеролите исто така ќе се пишуваат на тој јазик, а во најмала рака двојазични стануваат и униформите на полицајците, пожарникарите и здравствените работници во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот.

Останува спорно како двојазични униформи допринесуваат кон јазичните права на малцинствата во земјава. Двојазичните униформи немаат никаква посебна комуникациска или лингвистичка вредност, а збунува и тоа што Предлог-законот ги наложува само во Скопје и во општините со поголемо малцинско население. Зарем во една унитарна држава има потреба од две различни униформи во две локални заедници на истата таа држава? Зарем не е тоа ефективно бинационализирање на државата? Различни симболи за еден дел од државата и поинакви за другиот дел од истата?

10. Повеќејазично судство и нотари

Законот од 2008 во контекст на судските постапки го истакнува и промовира ПРЕВЕДУВАЊЕТО на други јазици сочувувајќи го македонскиот како основен и независен во судската постапка, додека новиот Предлог-закон предвидува ЦЕЛОСНА ПРИМЕНА на јазиците различни од македонскиот. Отсега сите постапки покрај македонски, би се воделе задолжително и на друг јазик доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во РМ (член 9). Истото важи и за сите одлуки, писмени и други акти кои произлегуваат од постапките, а судовите ќе бидат обврзани да овозможат задолжителен превод на сите потребни документи и материјали, како и симултан превод на излагањата, изјавите и рочиштата. Необезбедувањето превод ќе се смета за суштинска повреда на постапката, а трошоците од преведувањето за странките и учесниците во постапката, вклучително и судскиот преведувач паѓаат на товар на судовите, јавните обвинителства како и сите други органи, тела и институции вклучени во постапката.

Дополнително, постапките пред нотар, нотарските исправи и заверки, извршителите и нивните налози, заклучоците, записниците, службените белешки и другите акти покрај македонскиот, ќе може да се извршуваат и издаваат и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на РМ (член 10).

11. Проширување на употребата на малцинските јазици во изборниот процес

Досега, друг јазик покрај македонскиот се употребуваше во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваа на тој јазик. Според Законот од 2008, листите на кандидати се поднесуваат и на јазик различен од македонскиот, како и гласачките ливчиња се печатат на македонски и на службениот јазик што го употребуваат граѓаните во одредена општина.

Ново во Законот на СДСМ е тоа што предвидува задолжителна употреба на друг јазик и на седниците на Државната изборна комисија, во спроведувањето на изборите и во работата на сите комисии, други тела и институции и тоа подеднакво со македонскиот. Не го регулира јазикот на печатените изборни материјали (или пак авторот го нема тоа забележано во тексто на Предлог-законот).

12. Употреба на малцинските јазици на граничните премини и аеродромите

Уште еден од контроверзните новитети во новиот Закон е воведување на двојазичност или повеќејазичност на граничните премини и аеродромите „кои се наоѓаат на подрачја каде најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот“. Називите на институциите, натписите и потоказите, покрај македонскиот ќе содржат и други јазици на останатите националности во земјава. Како што беше случај и со униформите, повторно апсурдно делува неупотребата на истиот јазичен стандард врз целата територија на државата. Нејасна е функцијата на таквите табли и патокази на границите ако се земе в предвид дека нивната примарна функција е да информира луѓе кои влегуваат во земјава, а не луѓе кои излегуваат. Повторно се доведува во прашање лингвистичката вредност на овој став од Предлог-законот. Дали воопшто станува збор за остварување на некакви јазични права или пак води кон обележување територии и формирање на енклави?

13. Службениот весник на РМ во најмала рака станува двојазичен

Членот 17 од новиот Новиот Закон воведува ново правило сите закони, подзаконски акти, одлуки и огласи од сите институции на централно и локално ниво кои законски се обврзани да публикуваат во Службениот весник на РМ, тоа да го прават на македонски „и на јазикот кој го
зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо“.

14. Формирање на агенција и инспекторат во кои ќе се вработуваат дипломирани филолози по албански јазик

За жал, новиот Закон е уште еден нормативен акт кој ќе доведе до зголемување на бирократијатијата во РМ преку создавање нови институции за мониторирање на примената на законот за употребата на јазиците. Имено, член 18 од предлогот предвидува формирање на „Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија“ којашто ќе има за цел да ја промовира и заштити примената на малцинските јазици, а ќе има и својство на правно лице кое ќе биде надлежно за стандардизирањето и воедначената употреба во институциите на централно и локално ниво.

Агенцијата ќе има директор со четиригодишен мандат кој ќе биде назначуван од Владата, и ќе вработи овластени судски преведувачи, лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори (став 3, член 18). Обрнете внимание на тоа како повторно се издвојува и фаворизира албанскиот јазик во Предлог-законот, а останатите малцинства и нивните јазици во земјава се дискриминираат и занемаруваат, што според толкувањето на авторот на статијава, делува противуставно. Агенцијата ќе биде надлежна за поддршка во спроведувањето на законот; вршење превод и лекторирање; преземање мерки за унапредување на малцинските јазици; изготвување на извештаи; подготвување стручно-аналитички материјали за потребите на Владата; давање стручно мислење; и други работи поврзани со целите на овој закон.

Понатаму, новиот закон предвидува формирање и на „Инспекторат за употреба на јазиците“ во состав на Министерството за правда. Неговите надлежности ќе се регулираат со посебен закон.

15. Казни и глоби за правни и физички лица

За разлика од Законот од 2008, новиот Предлог-закон предвидува глоба во износ од 4,000 до 5,000 евра во денарска противвредност за прекршок кој ќе се изрече на органите и институции наведени во законот за непочитување на одредбите од истиот (член 22). Службените и одговорните лица исто така ќе бидат казнувани со глоба во износ од 30% од одмерената глоба на неисполнување на обврските предвидени со овој закон.

loading...