ПРЕПОРАКАТА ЗА ЕУ ВИСИ ПОРАДИ НАЧИНОТ НА КОЈ Е ДОНЕСЕН ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИТЕ,

АКЦИЈА
loading...

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека може да се проблематизира безусловната препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ поради тоа што без минимум консензус и без цивилизирана дискусија вчера беше донесен Законот за употреба на јазиците во Собранието. Тој вели дека вчерашните инциденти во Собранието не се глетка од парламент на европска држава.

„Вчера беше разочарувачки ден бидејќи видовме настани за кои мислевме дека веќе сме им го свртиле грбот, дека немало минимум консензус за процедура за усвојување закон и нема цивилизирана дискусија за теми од интерес на граѓаните. Не е мое да судам, но глетката што ја видовме беше сѐ само не глетка од еден парламент на европска држава. Во период кога земјите членки на ЕУ треба да се произнесат за препораката за преговори, посебно за условеноста на препораката, ќе се постави прашањето дали агендата на Прибе ќе биде брзо усвоена и формално ќе се отвори и прашањето за почитување на Копенхашките критериуми. Европската унија може да интегрира само функционални демократии“, кажа Тимоние.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан уште во ноември лани кажа дека Законот за употреба на јазиците не е релевантен за добивање препорака и дека власта треба да се фокусира на поприоритетни закони.

„Владата и другите фактори во земјата да се фокусираат на законите и условите кои се релевантни за добивање на препорака. Законот за јазици не е дел од она што е договорено во овој контекст“, изјави тогаш Хан, а истото го кажа Тимоние пред една недела.

Извештајот за напредокот на Македонија за членство во Европската унија ќе биде објавен на 17 април, а во јуни се очекува одлуката дали Македонија ќе добие препорака за почеток на преговорите и каква ќе биде таа.

loading...