И вака можело: Во основно училиште во Чаир самоволно прогласен неработен ден

АКЦИЈА
loading...

Практиката на прогласување неработен ден, на своја рака, надвор од законските прописи во училишта на територијата на општината Чаир продолжува и понатаму. „Нова Македонија“ дознава дека вчера во основното училиште „Рајко Жинзифов“ им бил неработен ден, иако во согласност со законот овој ден е работен. Причината за ваквата одлука за неработење и губење часови била одбележувањето на Денот на албанските наставници.

– Вчера имавме само приредба подготвена од учениците. Часовите ги запишавме во дневниците, но најверојатно нема да го одработуваме овој ден – ни рече наставничка што работи во училиштето.

За разлика од ова училиште, во другите училишта што се на територијата на општината Чаир вчера нормално се изведувала наставата.
Дознаваме и дека државните просветни инспектори ќе направат вонреден инспекциски надзор во основното училиште „Рајко Жинзифов“.

Во Министерството за образование и наука (МОН) објаснуваат дека вчерашниот ден не смеело да биде неработен.
– Сите треба да знаат дека образованието е најважно и дека нема поубав и посоодветен начин да се одбележи ден на учителот одошто во училница со децата. Во согласност со Законот за основното образование, освен државните празници и патрониот празник, не е оправдано ослободувањето од настава во други случаи – велат во МОН.
Оттаму додаваат дека за ова веќе е информиран Државниот просветен инспекторат, кој треба да ги истражи наодите и да постапи во согласност со своите законски надлежности. Најверојатно ќе биде наложено дополнително да се одработи овој ден.

Во согласност со Законот за основно образование, како и во согласност со наставната година, учебната година мора да има 180 наставни работни дена.
Во МОН појаснуваат дека традиционалниот ден на просветата за припадниците на заедниците што следат настава на јазик различен од македонскиот јазик e наставен ден, кој се обележува со организирање културни и други манифестации. Во согласност со Законот за основното образование, освен за државните празници, не е оправдано ослободувањето од настава во други случаи.

Но ова не е првпат да не се почитуваат законските одредби и да се постапува самоволно во образовни институции на територијата на општината Чаир, при што со ваквиот начин на однесување локалните служби се издигаат над државата и над важечките законски прописи и се однесуваат како „држава во држава“.
Претходно на сличен начин се славеше и Денот на албанското знаме, кој не е државен празник кај нас. Иако не станува збор за државен празник, во општината Чаир можеше да се забележи на јарболите закачено албанското знаме, заедно со македонското.

Според Законот за употреба на знамињата на заедниците, освен македонското знаме, на државните јарболи може да се истакнат знамиња и на заедницата што е мнозинство во одредена општина, но само ако е државен празник и други празници утврдени со закон, но и во денови што општинскиот совет ги има прогласено за општински празник.
Од ова произлегува дека со ваквата постапка на противправно поставување знаме на друга држава, неработење на општинската администрација, како и немање настава во некои училишта, се прекршени редица законски акти.
И тогаш во холот на основното училиште „Рајко Жинзифов“ се одржуваше приредба на децата со доминантна црвено-црна кореографија.

Основното училиште „Рајко Жинзифов“ е едно од четирите спорни училишта на кои во 2012 година Советот на општината Чаир им ги промени имињата, но Инспекторатот за локална самоуправа ја поништи таквата одлука на советот на Чаир.
Во 2015-та, по политички договор, се променија имињата само на две од четирите училишта, односно на училиштето „Цветан Димов“, кое стана „Хасан Приштина“, и училиштето „Јане Сандански“, кое стана „Јашар-бег“, но името на училиштето „Рајко Жинзифов“ правно си остана според старото име, иако таблите пред училиштето велат поинаку.

Од Министерството за образование велат дека во регистарот тоа училиште е запишано како основно училиште „Рајко Жинзифов“.
Се поставува прашањето кој ќе ја преземе одговорноста затоа што се прекршени низа закони, почнувајќи од Законот за образование, Законот за употреба на знамињата, Законот за државни празници итн.
Останува во законски пропишаната постапка надлежните институции и органи да ги утврдат фактите и соодветно да се санкционираат прекршителите на законските прописи. За ланскиот прекршок и неработењето на Денот на албанското знаме јавноста не доби повратна информација какви мерки се преземени. Дали нешто ќе се промени по вчерашното повторување на прекршокот и повторното незаконско неработење останува да видиме.

loading...