Како се повреди полицајката од „пајакот“?

АКЦИЈА

Вербален или физички конфликт меѓу полицајка и истакнат член на ДУИ, е случајот за кој реакциите во јавноста изнудија нова реакција од министерот Оливер Спасовски.

Тој денеска рече дека полицијата е подготвена случајот да го објасни до крај. Полицајката, Јасмина Јаначковска по инцидентот изјави дека сама ја повредила раката од возилото на пајак службата, во обид да биде тргнат автомобилот на Б.А, непрописно паркиран пред комплексот Мавровка во центарот на Скопје и дека со Б.А имала само вербален конфликт.

Вчера случајот за полицијата беше затворен, откако лицето Б.А добил парична казна. Но, денеска министерот Спасовски рече дека се отворени за нови докази доколку меѓу полицајката и обвинетиот, во моментот на инцидентот имало и физички конфликт.

Во врска со овој случај, во јавноста имаше остри реакции и осуда на евентуална политичка заштита на функционери кои ги прекршуваат законите.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се надоврза со оценка дека јавната безбедност во земјата е под ризик и дека на улиците владее криминал.

„Наместо функционерите на СДСМ да направат план како полицијата да се спротивстави на криминалот, гледаме срамен театар во кој што Министер, државен секретар и директор за јавна безбедност се среќаваат со полициска службеничка и се обидуваат да ја убедат јавноста дека таа била нападната од пајак возилото, а не од некој партиски насилник“, вели Даниел Апостоловски.

Првиот човек на МВР денеска зборуваше и за случајот кога „пајак службата“ во четврток го отстранила автомобилот на директорката на УЈП, паркирано на велосипедска патека.

На прашањето од ТВ21 дали се гази авторитетот на полицијата со тоа што возилото било одново вратено на истото место, Спасовски одговори дека во иднина сите автомобили ќе бидат еднакво третирани и отстранети доколку се непрописно паркирани, без разлика дали се на министерот или други функционери.

loading...