Неколку причини да одите во Лазарополе за наредниот продолжен викенд?

АКЦИЈА
loading...

Ако скршнете од патот Маврово – Дебар, кај Бошков Мост, на 145 км од Скопје (околу 2 часа возење), на 75 км од Гостивар и на 23 км од Дебар, ќе стигнете во село Лазарополе. Тие што ќе им биде првпат, ќе бидат воодушевени, тие другите – добро ќе знаат зошто се враќаат. Лазарополе е една од највисоките (на 1350 метри надморска височина) и најубавите селски населби во Република Македонија. Се наоѓа на прекрасна локација во југозападниот дел на живописната планина Бистра, со извонреден поглед кон Гарска Река и планината Стогово.

Лазарополе има клима за мерак, со повремени медитерански влијанија кои навлегуваат од долините на Црни Дрим, Радика и Мала (Гарска) Река. Летата се свежи (особено навечер), а зимите благи и не многу сурови. Додека во жешките летни денови температурите во градовите се искачуваат и над 40°, во Лазарополе ретко ќе се печете на над 30 степени. Дури и кога е така, овој регион е познат по најголемото количество на врнежи во Македонија (над 1200 мм), а тоа значи изобилство од (недопрени) шуми и сенка. Како резултат, воздухот е кристално чист, свеж, а веруваат – и лековит. Всушност, Лазарополе е познато како место со најчист воздух на Балканот, а во Македонија е единственото место со мерна станица каде резултатите покажуваат чист воздух преку целата година.

Лазарополе го лечи и духот. Тоа е место со голема црковна традиција и многу цркви и свети места. Заштитен знак му е главната селска црква Св. (Великомаченик) Ѓорѓи(ја). Изградена е во 1841 година од Ѓурчин Кокале, опкружена со ѕидини од делкан камен високи и до 4 метри. Токму нејзината местоположба ја спасила од намерите на Османлиите да ја уништат. Внатрешноста на црквата, пак, е дело на легендарниот Дичо Зограф (Димитрие Перкоски) од мијачкото село Тресонче.

Калина дупка и селото на Лазар

Кого и да прашате од постарите лазоровци, ќе ви каже дека селото е населено со православни христијани уште од самото настанување, а за кое има многу интересна легенда.

Некаде во подножјето на прочуената лазарополска карпа Соколица (ќе зборуваме за неа во продолжение) се наоѓаат остатоците од Главино Село, кое денес е потполно напуштено и речиси целосно ја има изгубено битката со природата. Само вештото око ќе може да ги забележи остатоците од делкан камен меѓу одронетите парчиња од Соколица. Главино Село било главна престолнина на Мијачијата.

Таму живееле мијачките главатари, таму се чувал главниот мијачки бајрак и од таму се осмислувала политиката и стратегијата што сите останати мијачки села биле обврзани да ја следат. Тоа ќе ви го раскажат сите поучени и постари Мијаци доколку ги прашате нешто за Главино Село, но за тоа кога, како, под кои историски услови тие биле приморани да ги напуштат дотогашните нивни места на живеење и како се викале мијачките главатари, останува на историчарите да утврдат.

Тоа што се знае околу Главино Село е преданието за Калина и Калина Дупка, кое со поколенија се пренесува од колено на колено, главно од мајките на децата и бабите на внуците. Преданието за пештерата на Калина не само што говори за тешката судбина на лазоровецот, но и за неговиот пркос и подготвеноста секогаш да почне одново. Тоа е и темел на неговото потекло.

Калина Дупка е пештера во близина на Главино Село. Во време на Турско, Османлиите го нападнале селото, а главиноселци се сокриле во тесната и темна пештера. Како што ми раскажуваше баба ми, Турците не успеале да ги најдат скриените селани и биле на работ да ја одминат пештерата. Но една млада и наивна мома – Калина, почнала прерано да се радува и да пее. Тоа го чул некој од турскиот аскер, по што Турците се вратиле и сфатиле дека пештерата е полна со каури. Ако добро се сеќавам на раскажувањата, Турците го наполниле влезот на пештерата со слама и гранки и ги запалиле, со намера селаните живи да изгорат или да се задушат. Така и се случило. Сите загинале, освен еден – Лазар, кој ползејќи успеал да го најде другиот крај на пештерата и да излезе жив и здрав пред некое поле. Денес го викаме Лазарополе.

Соколица, Св. Спас и големиот Крст

Соколица. Некои велат дека името го добила заради тоа што потсетува на глава од сокол. Други – заради погледот. Веројатно вистината е – двете.

Ако стигнете во Лазарополе и познавате барем еден Лазоровец, нема начин како да избегнете да ве однесат на Соколица.

За да стигнете до Соколица, ќе мора да поминете покрај Горни Ливади, каде што при посетите како деца игравме фудбал, рогавме топки, се санкавме на трева со картони и ловевме скакулци.

Поглед од Соколица.

Притоа ќе поминете покрај карпестиот рид кој лазоровци го викаат Краста, на чиј врв се наоѓа метеоролошката станица, а следејќи ја полукаменестата патека ќе стигнете на работ на Горни Ливади, пред влезот во шумата што ве води кон Соколица. Верувајте ми на збор, ова е супер место при враќање од Соколица да го разбудите детето и да се стркалате од малото ридче кон ливадите.

Непосредно пред да стигнете на Соколица, ќе наидете на малото и прекрасно црквиче Св. Спас. Во непосредна близина на денешната локација на црквичката, според сведоштва на старите од селото, во дамнешно време се гледала некаква светлина. Тоа дало повод ова да се смета за свето место. Оттогаш таму била поставена икона, а луѓето што минувале крај неа оставале ситни пари или по некое конче од својата облека.

Во тоа време, кога селото било живо и се извршувале разни свечености околу црковните празници, било обичај на Спасовден, пред пладне, ергените и младите со потседлани коњи на тоа место да се веселат. Веселбата завршувала со бодинање (јавање) на коњите, со кои се враќале откај месноста Дупчиња. Веселбата продолжувала на полето, каде што ги чекале зурли и тОпани (како што ги нарекуваат лазоровци).

Лазоровци сакале да изградат црквичка уште од пред Втората светска војна, но војната ги одложила плановите. Дури по смената на (атеистичкиот) комунистичкиот режим во ’90-тите, на карпата Соколица ќе биде поставен осветен крст, а малку подоцна ќе биде изградено и црквичето „Вознесение Христово – Св. Спас“, осветено на празникот Св. Спас 23 јули 2000 година.

Св. Спас и Крстот на Соколица

Свети Танас

До малата црквичка посветена на Св. Атанасиј, меѓу лазоровци позната како Св. Танас, се стигнува по патот што ја следи малата река којашто тече низ Лазарополе само на пролет, носејќи ги водите од стопениот планински снег (во останатиот дел од годината оваа рекичка понира пред воопшто и да дојде во селото). При прошетката до Св. Танас во пролет, без здив ќе ве остави глетката на расцветаната ливада со нарциси. Во лето, ливадите ќе ве изненадат со својата опијанувачка миризба на мајчина душичка и диво ливадско цвеќе. А на почетокот на есента, подгответе се за експлозија од бои, каква што само природата знае да приреди.

Според некои кажувања, црквичката Св. Танас ја изградил Русе Кардалески, кој каменот за градбата го носел дури од Стража; според други, Св.Танас е изградена од Павле Дракулоски во спомен на неговиот син Маноил, кој бил свршен, но починал пред да се ожени.

Порано оваа црквичка била свечено посетувана од лазоровци. Секој 15 мај, таму се одело со јадење и топани и се играло и се пеело. Сега е идеална за еднодневен излет и за потполно уживање во опивачката убавина на природата.

Ѓурепи и Цуцул

На патот кон врвот Цуцул, се наоѓа малата црквичка посветена на Св. Ѓорѓија – место што лазоровци го викаат Ѓурепи. Одејќи низ дебелата сенка на шумата, ќе налетате на мало камено мостче, копија на Елен Скок (што ќе го сретнете по Бошков Мост на патот кон Лазарополе), во чија близина се наоѓа чешма со исклучително студена вода, која тече во текот на целата година. лазоровци веруваат дека оваа вода е лековита.

Легендата вели дека некоја жена од Лазарополе, покрај трите девојчиња, имала и машко дете кое било многу болежливо и немало апетит. Го крстиле Ѓуре (нагалено од Ѓурчин т.е. Ѓорѓија). Свекрвата ја советувала жената секојдневно да го шета детето во околината на селото и да го напива од студената вода од чешмичето, во надеж дека тоа ќе му го поврати апетитот и здравјето. Така и било: загрижената мајка секојдневно го шетала Ѓурета, а на крајот од прошетката го носела на чешмичето непрестајно молејќи го: „Пиј, Ѓуре. Ѓуре пиј, Ѓуре пи(ј)!“.

Оттогаш местото е познато како Ѓурепи, а според паметењето на постарите жители на Лазарополе, црквичката е изградена кон крајот на 19 век. Каменот за изградбата на оваа црквичка бил носен од врвот Цуцул, кој се наоѓа на крајот на патот што продолжува над Ѓурепи. Затоа на Цуцул е поставен уште еден крст – како прекрасната глетка врз цело Лазарополе да не е доволна. Крстот на Цуцул ќе го видите уште попат, пред дури и да влезете во селото.

Св. Петка

Во меѓувреме е реновирана.

Оваа мала црквичка посветена на Св. Параскева – Петка, се наоѓа во непосредна близина на Лазарополе, во правецот на запад. Тука се ужива во густата шума, дебелата сенка, шумските јаготки и бројни џбунови смрека. Веднаш до црквичката се наоѓа чешмичка од која во текот на целата година тече по малку вода, за која се верува дека лекува заболувања на очите.

Изградена е на 26 јули 1908 година, од страна на Јосиф Аврамов Куноски – податок којшто може да се прочита од натписот кој се наоѓа над влезната врата на црквичката. Повод за изградба на црквичката, според раскажувањата што можат да се слушнат во селото, бил сонот што го сонил, во кој му се претскажало дека водата што тече треба да се собере во чешма зашто е лековита, а во непосредна близина да се изгради црквичка.

Илинден

Во духот на богатата црковна традиција, како порано, така и денес, во Лазарополе со душа се чека и се прославува големиот празник Илинден. Ако петлите го најавуваат утрото, Илинден во Лазарополе го најавуваат пукотниците. Славјето е преголемо за да можат да се зауздаат пушките, а прославата кулминира со вечерни ора на средсело и со звукот на зурлите и тОпаните, неизбежни при било каква веселба во овие краишта.

Калин

А кога конечно ќе пристигнете во Лазарополе, на средсело ќе ве пречека хотелот Калин, каде што порано се наоѓаше месната задруга и селската кооперација, а каде што учените лазоровци (ги има многу), отпорни на вино и ракија, ќе ви раскажуваат зошто Мијаците се подобри од Брсјаците.

На средсело.

Зaшто Лазарополе е место што мора да се посети. За да се доживее Соколица, треба да ве дувне ветерот додека стоите на Крстот. За да ги доживеете црквичките, треба да го почувствувате смирението во нив. За да ја излечите душата, треба да се напиете од студената вода.

Златко Поповски за 365.com.mk

loading...