Касато – прекрасна чоколадна торта без печење (Рецепт)

АКЦИЈА
loading...

Пробајте го нашиот рецепт за популарната касато торта, а по наш вкус збогатена со чоколадо и какао. Вкусот е одличен и овозможува неизмерно уживање! Без печење и без мачење, до супер торта!

Состојки:

300 гр кршени бисквити (може и плазма)
200 гр ореви (исечени на крупни парчиња)
150 гр ситно сечкани желе бонбони во различни бои
150 гр суво грозје потопено во рум
1 лажица ванилин екстракт
100 гр ситно сечкани суви смокви
100 гр ситно сечкани урми
300 гр црно чоколадо
2 лажици чоколадно какао
250 гр путер
250 гр шеќер во прав
100 мл млеко
1-2 лажици рум.
За одозгора:

150 гр путер
50 гр шеќер
50 гр чоколадо.
За фил и декорација:

слатка павлака по потреба
суво овошје по желба.

Подготовка:

Најпрво потопете го сувото грозје во рум и оставете да стои неколку часа.
Оревите малку потпечете ги во рерна, колку да станат крцкави и убаво да замирисаат, а потоа крупно исечкајте ги.

Ситно исечканите смокви, урми и желе бонбони измешајте ги во одделен сад, а потоа додајте го и сувото грозје кое претходно стоело во румот.

Во поголем сад искршете ги бисквитите на парчиња, па прелијте ги со топлото млеко, екстрактот од ванила и румот. Измешајте ја смесата.

Во длабок сад ставете ги путерот и шеќерот, па со помош на миксер изматете ги за да се добие убаво изедначена и мазна смеса.

Чоколадото стопете го, па додајте го во садот со изматениот путер. Убаво измешајте.
Во садот со биксвитите додајте го и претходно измешаното суво овошје со желе бонбоните, како и смесата со стопеното чоколадо. Со помош на поголема лажица добро измешајте за да се добие еднородна смеса.

Припремете го калапот за торта. Може да користите тркалезен или правоаголен калап, а треба да биде обложен со најлонска фолија.

Во претходно припремениот калап ставете ја смесата за чоколадната касато торта и добро распоредете ја, при што треба да внимавате да не останат шуплини. Тортата покријте ја со најлонска фолија и од горната страна и ставете ја во фрижидер да отстои преку ноќ. Кога ќе се излади и ќе се стегне, отстранете ја фолијата и превртете ја врз соодветен сад или рамна површина.

Путерот, шеќерот и чоколадото стопете ги и потоа со добиената глазура потурете ја тортата одозгора.

Слатката павлака изматете ја во цврст снег и потоа со неа премачкајте ја тортата. Декорирајте со парчиња суво овошје или по желба и на здравје!

loading...