Брза вкусна посна торта со кокос и портокал

АКЦИЈА
loading...

Нема да поверувате колку оваа брза посна торта со кокос и портокал е вкусна и сочна. Ви предлагаме во првата прилика да ја направите и дегустирате со вашето семејство и пријателите.

Рецептот е од нашата кујна и е припремен за време на подготовка на свечената трпеза за куќна слава во време на пости. Сите гости ја пробаа оваа торта и го потврдија нејзиниот фантастично добар чоколаден вкус со освежителна арома на портокал, надополнета со кокос и мармалад од црни сливи. А штом ја направите, не заборавајте да ни напишете во коментар како ви се допаднала.

Состојки:

4 кафени шолји шеќер
6 кафени шолји брашно
1 ќесичка прашок за печиво
1 ќесичка ванилин шеќер
кора од еден портокал или мандарина
100 грама кокосово брашно
5 кафени шолји минерална газирана вода
1 кафена шолја масло
свежо цеден сок од 1 портокал или мандарина
5 до 6 лажици мармалад од црни сливи (може да користите и друг мармалад по желба)
2 лажици какао.

Подготовка:

Рерната загрејте ја на 180 до 200 степени.
Брашното пресејте го со сито.
Во длабок сад ставете шеќерот, брашното, прашокот за печиво, ванилиниот шеќер, кокосот и кората од портокал. Убаво измешајте ги состојките.
Во садот додајте ги маслото, минералната вода и сокот од портокал. Добро измешајте со жица за матење за да се добие хомогена смеса без грутчиња.
Смесата поделете ја на два еднакви дела. Во едниот дел додајте го какаото и измешајте со жицата за матење.
Во правоаголна тава број 40 ставете хартија за печење. Во тавата ставете ја чоколадната смеса и печете ја во загреената рерна за време од 10 до 15 минути, додека се добие кора по површината. Потоа, тавата извадете ја и тортата премачкајте ја со мармаладот од црни сливи.
Врз мармаладот ставете ја преостанатата смеса од ванила и портокал, и добро израмнете. Тавата вратете ја во рерната и продолжете со печењето за време од 20 до 25 минути, додека тортата добие златно-жолта боја. Повремено проверувајте со чепкалка, дали тортата е испечена. Печената торта, извадете ја од рерната и покријте ја со кујнска крпа. Оставете ја да се излади.
Изладената посна торта превртете ја од тавата и извадете ја хартијата за печење. Потоа, тортата повторно вратете ја во тавата и сечете парчиња со големина по желба. Доколку сакате, можете повторно да ја премачкате со мармалад и да наросите кокос.

loading...