Совети за пушачи

АКЦИЈА
loading...

На пушачите кои се „дават“ од кашлање можат да им помогнат некои намирници за да ги прочистат белите дробови: чај од ѓумбир, борови иглички или коприва, пченка, портокал, црвен кромид и лук.

Дали сте им роб на цигарите и никако не можете да ги оставите, и покрај кашлицата? Во тој случај почесто консумирајте намирници и напитоци кои можат да ги прочистат белите дробови и да ви овозможат полесно дишење.

Можат да ви помогнат чаеви, пред се од свеж ѓумбир, но и од борови иглички или коприва, која можете да ја јадете и како салата. Јадете риба и јагнешко, бидејќи го содржат моќниот антиоксидант- селенот. Консумирајте и јајца и житарки.

Пченката е полна со бета-криптоксантин, кој докажано ги штити белите дробови од карцином, бидејќи се однесува како моќен антиоксидант. Слично дејство имаат и портокалите.

Црвениот кромид и лукот поради својот состав имаат антиканцерогено дејство. Студиите покажуваат дека кај луѓето со карцином кај кои секојдневно е запазен овој зеленчук во исхраната, забележано е стопирање на новосоздадени туморни клетки.

Секако, непријатниот здив е неизбежен, но помислете на мирисот од димот на цигарите во устата и на облеката, па лукот нема да делува толку неподносливо.

Како да се откажете од пушењето?

Не постои човек кој не знае дека пушењето е штетно за здравјето. Некои поради тоа избираат да се држат подалеку од овој порок, но често луѓето го пренебрегнуваат фактот дека цигарите можат да бидат смртоносни и продолжуваат да уживаат во секој дим.

Фрапантни се податоците дека Македонија се наоѓа на второ место во Европа по бројот на пушачи и дека скоро половина од населението е зависно од пушењето.

Од друга страна, денес сè повеќе пушачи се обидуваат да се откажат од цигарите. Дел од нив заради финансиите, а дел поради тоа што сакаат да го заштитат своето и здравјето на своите најблиски.

Ако и вие спаѓате во една од овие групи и сте си поставиле за цел во новата година да не носите повеќе етикета „пушач“, ви предлагаме неколку корисни совети кои ќе ви помогнат да ги исфрлите цигарите од вашиот живот засекогаш.

ПОДГОТВЕТЕ СЕ ЗА ОТКАЖУВАЊЕ
Прво и најважно е да знаете дека откажувањето е тешко, но не и невозможно. Милиони луѓе низ светот секоја година се откажуваат од оваа штетна навика. Потребно е да имате силна мотивација, волја и да бидете упорни.

Најчесто пушачите успеваат целосно да се ослободат од цигарите по неколку обиди. Можеби вие ќе бидете дел од оние кои што успеале од прв пат, но ако не сте, не се разочарувајте и не се предавајте.

Еве што треба да направите за да се подготвите за оваа голема промена во вашиот начин на живот:

Бидете оптимисти за вашето решение. Избегнете ги негативните мисли дека откажувањето е тешко, затоа што тоа може да ве стави под стрес уште пред да почнете.

Набројте ги сите причини кои влијаат врз вашата одлука да станете непушач. Кога ќе ги напишете на лист сите причини (здравствени, финансиски итн.), ќе имате идеја што ќе добиете ако се ослободите од овој порок.

Изберете силна причина поради која сакате да се откажете. Најчесто фактите дека пушењето е штетно за здравјето не се доволни за да ве задржат подалеку од цигарите. Потребно е да имате моќна лична причина. Можеби тоа ќе биде вашата желба да ги заштитите своите најблиски од последиците од пасивното пушење, стравот од рак на белите дробови или желбата за подобар изглед на вашето лице и заби. Изберете си причина која ќе биде доволно силна за да ви ја убива желбата за уште една цигара.

Започнете со промените во начинот на живот. Практикувајте поголема физичка активност, пијте повеќе течности, не пушете во вашиот дом или автомобил. Сето тоа е добар почеток, кој ќе ве донесе на вистинскиот пат.
Изберете си датум. Најдобро е датумот да биде важен за вас и да не го менувате. Тоа може да е вашиот роденден, некој празник или слично. Така ќе ви биде полесно да следите колку време сте непушач и ќе имате уште еден повод повеќе да го славите тој ден.

Обложете се со некој пријател или со партнерот дека можете да се откажете на закажаниот датум. Тоа ќе ви даде причина повеќе да си стоите на зборот, а може и дополнително да се мотивирате за да докажете дека имате цврст карактер.
Кажете им на најблиските дека се откажувате од пушењето. Многу е важно да ја добивате потребната поддршка пред, а особено по откажувањето.

НАМАЛЕТЕ ГО БРОЈОТ НА ИСПУШЕНИ ЦИГАРИ

Како што се доближувате до денот на откажувањето, треба постепено да го намалувате бројот на испушените цигари. Подолу следуваат 10 начини да го направите тоа. Не мора да ги изберете сите, туку само оние кои што мислите дека ќе ви помогнат вам.

Престанете да купувате цигари во штеки, купувајте пакета по пакета и тоа само откако ќе ви заврши претходната.

Купувајте цигари што не ви се допаѓаат – од друга фирма или со пониска содржина на никотин и катран.

Пред почетокот на секој ден, решете по колку цигари ви се дозволени да испушите и придржувајте се до вашето решение.
Пушете ги цигарите само до половина.

Избегнувајте го автоматското пушење. Пред палењето на секоја цигара, добро размислете дали сакате да ја запалите или тоа го правите само од навика.

Не го чистете пепелникот. Така ќе имате увид колку цигари пушите, а самата миризба ќе ви создава одбивност кон пушењето.

Собирајте ги пикавците во шише со малку вода. Ќе видите колку валкана навика е пушењето.

Сменете ги околностите во кои пушите. Ако досега сте сакале да пушите во друштво, сега започнете да пушите сами.

Доколку ја обожавате првата утринска цигара веднаш откако ќе се разбудите, сега обидете се да пушите од пладне.

Не ги чувајте цигарите на дофат на рака. Како што се приближува денот на вашето откажување, така треба да ги чувате цигарите што подалеку од вас. Последните неколку дена не носете цигари со себе.

Не консумирајте пијалоци или храна кои ве поттикнуваат да запалите цигара. Наместо кафе, пијте сокови и обидувајте се да го избегнувате алкохолот.

АКО ДОБИЕТЕ СИЛНА ЖЕЛБА ДА ЗАПАЛИТЕ ЦИГАРА…

Џвакајте гума без шеќер со вкус на ментол или ако сте дома земете краставица, морков, јаболко или целер како мезе.

Тие ем немаат многу калории, ем ќе ви помогнат да ги оттргнете мислите од цигарите.

Релаксирајте се. Замижете ги очите и претставете си ги сите причини кои придонеле вие да станете непушач. Потоа замислете си некое место кое не ви создава напнатост.

Дишете длабоко. Направете 10 длабоки вдишувања и издишувања.

Заборавете на помислата дека една цигара нема да ви наштети. Токму таа цигара ќе го уништи вашиот досегашен труд.

Одете на прошетка. Физичката активност може да е вашиот најдобар сојузник во тешкиот период веднаш по откажувањето.

Многу е важно да го запишувате секој изминат ден кога можете да се пофалите дека сте непушач. Секој месец, три месеци или година, прославувајте ги.

Ако некогаш подлегнете на искушението, не бидете премногу строги кон себе и не се разочарувајте. Идентификувајте ја причината што довела до вашето посегање по цигарите и наредниот пат кога ќе се најдете во иста ситуација ќе бидете спремни да му одолеете на овој смртоносен порок.

loading...