Направете си сами домашни природни хранливи маски за лице

АКЦИЈА
loading...

Во текот на зимата на вашата кожа и треба посебна нега. Затоа ние ви окриваме една делотворна маска за лице која се прави од краставица.

Во блендер измешајте половина краставица и една лажица бадемово масло. Смесата нанесете ја на лицето и на вратот и оставете ја да делува од 5 до 10 минути. Очите прекријте ги со парчиња краставица за да ја намалите надуеноста. После 10 минути измијте го лицето со млака вода.

Краставиците се богати во витамин Ц и со кофеинска киселина која спречава задржување на вода.

Оваа маска помага за подочниците, за дерматитис, а големата количина на витамин Е го спречува стареењето и пукањето на кожата, а силициумот делува како природен ботокс.

Крема од авокадо против брчки

Едно зрело авокадо се лупи, се меша со миксер, се додаваат пет лажици полномасен јогурт, убаво се меша и се додаваат пет капки лимонов сок. Нежно втријте ја кремата на исчистено лице пред спиење. Оваа крема може да се користи и како маска со тоа што се нанесува на лицето во подебел слој, се остава да делува петнаесетина минути и се отстранува со памук.

Пилинг со банана

Бананите содржат антиоксиданти и витамини кои ја обновуваат кожата и ја спречуваат појавата на брчки. Тие се и природно антибактериски средство. Доколку имате осетлива кожа можете да направите пилинг со банана – едноставно истријте го лицето со банана и исплакнете го.

Хранлива маска од жолчка против брчки

Ако кожата ви е сува и испукана, нахранете ја барем еднаш седмично со жолчка од јајце. Една жолчка се меша со сок од половина лимон, истругана кора од цел лимон и една лажица маслиново масло. Смесата се остава да делува на лицето дваесетина минути и потоа се отстранува со памук натопен во млеко. Жолчката содржи лецитин, холестерол и други состојки кои имаат силно и длабинско дејство.

Оваа маска, покрај тоа што е хранлива, е и одлично средство против брчки.

Маска од белка против брчки

Белката можете директно да ја нанесете на лицето или претходно да ја изматите па да ја нанесете. Маската се остава да се исуши и кога ќе почне да се чувствува затегање на кожата се отстранува со памук натопен во топла вода во која се капнуваат неколку капки лимон. Одлично средство против брчки и против кожа која почнала да виснува. Оваа маска делува брзо и темелно, но не смее да се употребува често бидејќи кожата ќе се навикне, па мускулите на лицето брзо ќе се разлабавуваат.

Маска од сирење против брчки

Се прави смеса од три лажици полномасно сирење, една жолчка, пена од една белка, една лажица здробен гроздов шеќер и сок од еден лимон. Смесата се нанесува на лицето и вратот, се остава да делува околу 30 минути и се мие со млака вода. Оваа маска ја регенерира кожата, ги намалува брчките и го освежува тенот. Може да се користи често, на секои три денови.

Холивудска маска за лице

На две лажици овесно или пченкарно брашно се додава една белка од јајце и смесата убаво се мати. Добиената паста се нанесува на лицето и се остава да делува 15-20 минути. Кога ќе се исуши се отстранува со крпа, па потоа лицето се мие прво со топла вода, а потоа со ладна. Оваа маска ја освежува, чисти и матира кожата.

Маска од ленено семе

Маската од ленено семе се препорачува за сува и осетлива кожа во зимниот период, кога кожата дополнително се суши и стврднува од ладното време. Воедно, оваа маска е и одлично средство против појава на брчки. Две големи лажици ленено семе се варат додека не станат каша, и кога малку ќе се олади, кашата се нанесува на лицето. Се остава да делува дваесетина минути и потоа се мие со скоро врела вода. Ако на лицето има испукани капилари оваа маска треба да се нанесува ладна и да се измива со ладна вода. Оваа маска ја храни и измазнува кожата и делува против брчки и набори.

loading...