Да се биде Македонец е чест и привилегија!

АКЦИЈА
loading...

„Дојдов да се збогуваме. Да се збогувам со вас…со самиот себе…со мојот поранешен живот. Денеска решив да станам Македонец. Да бидам Македонец е многу тешка одлука за мене. Тоа е еден вид живеење на ,,работ,,. Но, некако за мене е како начин на преживување. Да се биде Македонец значи да научиш како да преживееш. Тие се како ,, преживување на нациите,, во 10 лекции… ,,Големите,, нации, што и да значи тоа, треба да исчезнат побрзо од нив….Македонците……бидејќи тие вежбаат исчезнување многу долго време.“

Овој цитат е од претставата ,, 2012-Последните Македонци,,. Комедија која на крајот направи да се борам со солзите за да не ми потечат по лицето во полната сала на драмскиот театар.

Што значи да се биде Македонец? Родени сме со таа привилегија, но мислам дека во овие моменти на синхронизирани обиди за наметнување на состојби на депресија, бунило и неспознавање како резултат на нецивилизацискиот однос кон нас, забораваме да подзастанеме, да се завртиме наназад и да се запрашаме,, што значи да се биде Македонец,,.

Да се биде Македонец е привилегија! Привилегија на еден грст народ!

Еден грст народ а сепак една огромна нација. Наследници на Филип, на Александар, на Гоце, на Даме, на Никола…. Наследници на гордите Македонци. Ние… привилегираните… на плеќи го носиме бремето на една историја, на една цивилизација, на една култура која од самото постоење е достојна за почит. А токму тоа постоење е детерминанта на постоењето. И токму тоа не прави горди што сме Македонци, кои сепак не се запрашуваме за да си објасниме прво на себе си, а потоа на останатите, што значи да ја имаш таа привилегија.

Да се биде Македонец значи токму како што беше речено во цитатот. Да научиш да преживееш. Во свет каде што само цврстите опстануваат, ние вешто преживуваме.

Да се биде Македонец значи да се биде горд не само на привилегијата, туку и на земјата која секојдневно ја газиме кога излегуваме од дома, кога шетаме по улица….

Да се биде горд на родната грутка со нејзините добри страни но, и со нејзините маани. На нашите привилегирани Македонски раце ја носиме историјата на нашата цивилизација. Аманетот на сите оние горди Македонци кои го дале својот живот за родната земја.

Да се биде Македонец значи да се гордееме со нашата Македонска православна црква. Нашиот столб на постоење. Оној столб кој со векови наназад не потпира кога тлото ќе се разниша за ние сепак да останеме исправени и горди што сме Македонци.

Горди на знамето.

Она сонце кое не грее од самото постоење, кое е симбол на тагата и радоста на секоја македонска генерација. Она исто сонце кое ни ја топли душата кога ќе помислиме на Македонија, затоа што во Македонија е најсветло.

Не нарекуваат националисти, а ние сме патриоти.

Ни го негираат постоењето, а секој од нас на Македонски јазик ја прераскажува приказната на генерации и генерации Македонци. Ние многу добро знаеме дека сме постоеле, постоиме и ќе постоиме.

Ни го негираат името, а не се свесни дека со тоа се негираат самите себе.

Се однесуваат недемократски, а не знаат дека нам тоа не ни значи ништо.

Само ме чудеше зошто толку многу се уплашија и се свртеа против еден грст народ.

Тогаш сфатив!

Ние знаеме што значи да се биде Македонец. Ние знаеме која е нашата привилегија. Ние знаеме чие потомство сме. Нашата вера е јака, мирољубива, ненаметната а нашето срце чисто. Чекориме по божјиот пат. Немаме потреба ниту од потврдување, ниту од докажување, ниту од признавање. Ние знаеме кои сме! Нас, историјата не признала. Нас, Библијата не спомнала.

Пишувајќи му на Даме Груев, големиот Гоце Делчев вели:

“…Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има и народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија…”.

Токму тоа поле е мегданот на кој со векови се калеле македонските јунаци. Тие сега се историја што не прави горди, затоа што биле на страната на вистината. Затоа што биле свесни што значи да бидеш Македонец. Да бидеш роден како Македонец, да проговориш на Македонски, да битисуваш на Македонски, да се бориш за Македонското достоинство, за Македонската цивилизација, за Македонските вредности….

Затоа, ние сме Македонци!

Затоа сме горди патриоти кои ја сакаат својата земја.

Ние сме потомци на големи Македонци кои ја пренесуваат како аманет својата цивилизација, од своите претци на своите идни поколенија!

Има ли нешто поблагородно од ова?!

Има ли нешто поголемо од Македонија, од Македонското?!

Токму така….

Тоа е вредноста да се биде еден од привилегираните.

Да бидеш Македонец, по крв, по род, по јазик, писмо и свест.

Маја Даниелс

loading...