НАСА: РАСТЕНИЈА КОИ ГО ПРОЧИСТУВААТ ВОЗДУХОТ ВО ДОМОТ

АКЦИЈА

Многу фактори влијаат на квалитетот на воздухот во просториите во кои живееме. Пушењето, хемикалиите кои ги користиме во секојдневниот живот, грејните тела – сѐ тоа создава услови за размножување на бактерии и мувла и го намалува квалитетот на воздухот.

Растенијата го апсорбираат јаглеродниот диоксид, а испуштаат кислород. За некои од нив се смета дека дури и го прочистуваат воздухот. На оваа тема била спроведена студија од страна НАСА во 80тите години, а во официјалниот извештај било наведено дека „домашните растенија можат да го прочистат и освежат воздухот во домот и работните простории, намалувајќи ги несаканите ефекти од често присутните токсини во воздухот“. Еве дел од растенијата кои влегле во листата на НАСА.

Алое Вера (Aloe Vera)

Ова растеније е лесно за одгледување и сака многу сонце, па затоа е одлично за чување покрај прозор до кој продира многу светлина. Освен способноста да го прочистува воздухот, нејзиниот гел е добар за заздравување на исеченици и изгореници.

 

Епипремунум

Ова собно растение многу бргу расте и е идеално за одгледување во собни услови. Тоа е ползечко растение кое, доколку правилно се одгледува, може да достигне должина од дури 20 метри. Карактеристично за него е што меѓу другото ги апсорбира и формалдехидот и бензенот, па често може да се сретне во канцелариите и други затворени деловни простории. Тоа е тропско растение и има потреба од многу вода и влажен воздух.

Бршлен

Овој познат ползавец одлично се прилагодува и во внатрешните услови. Лесно се одгледува и не му е потребна голема светлина. Бршленот, освен за прочистување на воздухот, добар е и за отстранување на алергените како што е мувлата и животинскиот измет. Од воздухот ги елиминира јаглен-моноксидот, формалдехидот и трихлороетиленот.

Фикус

Фикусот е зимзелена билка која потекнува од Индија, а истражувањата покажуваат дека таа е особено добра за отстранување на формалдехидите од воздухот.

Шефлера

Шефлера или познато како „чадор дрво”- буквално создадено за простории во кои се пушат цигари, бидејќи оваа билка го апсорбира и неутрализира никотинот и катранот. На шефлерот му се потребни светлина и малку вода.

Хлорофитум

Хлорофитум – атрактивен украс за секој прозорец и пропушта доволно светлина во домот. Оваа билка ги апсорбира издувните гасови и е неопходна за сите кои живеат на прв и втор кат.